22.04.2013, 14:27 „Случки од животот“ ја отвора дигиталната ера на МТВ
За кус период сите изработените проекти ќе се дигитализираат, а дигиталната архива ќе биде достапна за целата јавност
„Случки од животот“ во режија на Богдан Поп Горчев и Миле Гроздановски е првиот проект кој Македонската радио-телевизија го дигитализираше. Со „Случки од животот“ почнува ерата на зачувување на богатата национална ризница со продуцирани дела на националната куќа. За кус период целата архива на МТВ ќе биде дигитализирана и достапна на целата јавност.
Култната серија во која преку случките на едно семејство се прикажани сите среќни, но и тажни мигови, сите проблеми и сите радости, токму поради својата безвременска вредност е првиот дигитализиран проект, а е дело кое ќе ни посочи како се соочува обичниот човек со животниот пат. Серијата е дигитализирана до 25. епизода, а ќе почне со емитување од вторник 23 април. Од тогаш, секој вторник, четврток и петок од 18,30 часот на МТВ, македонската јавност ќе може да ја проследува серијата која има три циклуси. Со оваа серија ќе можеме да се потсетиме на Славица Зафировска, Мите Грозданов, Бранко Ѓорчев, Тодорка Кондова Зафировска, Христина Колозова и други.
„Случки од животот“ е производ на Училишната редакција на Образовната програма на МТВ. Првиот циклус беше продуциран во 1984 година, вториот во 1985 година, додека, пак, третиот и последен циклус во 1986 година.
„Би било жално да дозволиме да исчезне минатото на националниот сервис. Без првите проекти, без првите почетоци, без првите изработените мигови нашата куќа нема историја. Токму поради ова, токму поради фактот што македонскиот народ живеел и ќе живее со народните приказни, со ’Случки од животот’, ’Бушава азбука’, ’Умни глави’ и многу други, менаџментот донесе одлука да се дигитализираат сите проекти. На овој начин со еден клик ве водиме низ нашата временска машина“, вели Марјан Цветковски, извршен директор на МТВ.
Македонската радио-телевизија со овој проект ја најавува и новата интернет-страница, на која дигитализираните проекти ќе бидат лесно достапни до целата македонска јавност.
|