17.04.2013, 09:16 Македонски филмови на „Скопски фестивал“
„Шумарот“, „Игра и спас“, „Кружно патување на сенката“ и „Шшшт... Запеј ми!“ ќе можат да се видат в недела во „Милениум“
Шеснаесеттото издание на „Скопски филмски фестивал“ ќе стартува на 19 април во киното „Милениум“ со премиерата на српскиот филм „Кругови“ на Срдан Голубовиќ, кој имаше светска и европска премиера на фестивалите во Санденс и во Берлин. Годинешниот фестивал ќе трае до 27 април, кога скопската публика ќе може да го види рускиот филм „Предавство“ на Кирил Сребреников, кој својата премиера ја имаше во Венеција, а во кој главна улога игра македонскиот актер Дејан Лилиќ.
„Скопски филмски фестивал“, покрај во „Милениум“, ќе се одржува и во киносалите во „Рамстор“. Веќе пишувавме дека се најавени премиери на голем број легенди на филмското платно, како што се Педро Алмодовар, Гас ван Сент, Коста Гаврас, Такеши Китано, Маргарет фон Трота, Томас Винтерберг и други. Но, овде би сакале да се задржиме на македонските филмови што ќе бидат претставени на овој фестивал. Станува збор за четири кратки филма, кои ќе можат да се видат на 21 април (недела) во „Милениум“ од 18 часот, а за кои влезот ќе биде бесплатен.
Тука се филмот „Игра и спас“ на Горан Тренчовски, потоа „Шумарот“ на Изер Алиу, анимираниот „Кружно патување на сенката“ на Жарко Иванов и македонско-бугарскиот „Шшшт... Запеј ми!“ на Андреј Волкашин и Петар Влчев. Новиот филм на Горан Тренчовски веќе беше прикажан на Белградскиот фестивал на краток и документарен филм, а во мај ќе се прикаже во Париз во рамки на Фестивалот посветен на филмовите на Југоисточна Европа. „Игра и спас“ е приказна за Глигор, кој низ катарзата на своите болни и убави сеќавања успева да излезе од стапицата во која се наоѓа и повторно да го пронајде својот мир. Сценариото за филмот е на Васе Манчев, музиката на Драган Даутовски, а во него играат: Коста Ангов, Мартина Тапарчевска, Зора Ѓорѓиева, Салаетин Билал.
„Шумарот“ на Изер Алиу е интересна приказна за двајца браќа, која на 13. „Филмски фестивал“ во Берген, Норвешка, ја освои првата награда во категоријата на кратки филмови. „Шумарот“ е норвешко-македонски филм направен во соработка на Норвешката филмска школа од Лилехамер и „Веда филмс“ од Македонија. Тој е целосно снимен во Македонија на албански јазик, а ја раскажува приказната за традицијата, за желбата на синовите да ги следат убедувањата на таткото, што подоцна ќе резултира со една необична ситуација, кога 12-годишниот Иса ќе мора да одлучи што да прави кога ќе се повреди неговиот помал брат Хамид. Во главните улоги во ова остварување се појавуваат: Бурхам Амити, Бесим Муртезани и други.
Седумминутниот анимиран филм „Кружно патување на сенката“ на Жарко Иванов е направен по сценарио на Александар Прокопиев, во кој на анимацијата работеше Александар Зафировски, а на музиката Оливер Јосифовски. Тоа е едноставна, но амбициозна приказна, која се осврнува на животот и смртта, на природните закони и нивната неподмитливост. Додека македонско-бугарскиот филм „Шшшт... Запеј ми“ е нешто сосем поинакво. Тој во фокусот ја става младата девојка која мечтае за слава и пари, но чие бегство од дома ќе ја однесе во стапицата на проституцијата. Филмот го потпишуваат Андреј Волкашин и Петар Влчев, фотографијата е на Кирил Проданов, а музиката на Рејчел Роу и „Фолтин“. (С.У.)
|