22.04.2013, 14:52 Обуки за невработените од 40 до 49 години
Невработените лица на возраст од 40 до 49 години ќе можат да посетуваат обуки за полесно да најдат работа. Се работи за 5.000 лица, за кои Агенцијата за вработување и Министерството за труд и социјална работа имаат податоци дека активно бараат работа и кои сакаат да посетуваат мотивациска обука. Во моментов од вкупниот број невработени кој изнесува околу 258.000, се пререгистрирале 221.720 илјади, од кои само 101.121 лице се изјаснило дека активно бара работа и оти сака да биде дел од пазарот на трудот. Обуките кои започнаа вчера ќе траат до 23 ти мај, а од 14 јуни ќе започнат активни советувања за невработените.
„Ги повикувам сите невработени кои се на возраст од 40 до 49 години и се изјасниле дека активно бараат работа, а кои ја одбиле поканата или се' уште размислуваат да се одлучат и да се вклучат во можноста што им е понудена и заедно да ��ридонесеме за зголемување на нивните вештини и знаења со што ќе се зголеми и можноста за полесен пристап до соодветното работно место“, рече министерот Спиро Ристовски.
Директорот на Агенцијата Влатко Поповски истакна дека оваа категорија невработени е избрана со оглед на тоа што е без работа повеќе од 10 години, но иако е во продуктивни години, не е во можност да дојде до работно место поради тоа што најголем број од работодавачите бараат работници под 40 години. (Ек.Р.)
|