02.09.2012, 11:26 Македонија се наметнува на светската инвестициска карта
Oдличната бизнис клима, здравата макроекономска политика, ниските трошоци за правење бизнис се дел од причините да се инвестира во Македонија, оценува премиерот Груевски
ФОТО: Глас на Америка
Бизнис климата во Македонија е драстично подобрена, како за домашните, така и за странските инвеститори, оценува премиерот Никола Груевски во интервју за Гласот на Америка на македонски јазик.
Аргументирајќи зошто треба да се инвестира во Македонија премиерот ги наведува одличната бизнис клима, здравата макроекономска политика, ниските трошоци за правење бизнис и можноста преку македонскиот да се излезе на пазарите од цела Европа и на други континенти.
- Има повеќе причини, јас ќе кажам неколку. Затоа што Македонија има одлична бизнис-клима, на 22-ро место во светот, а пред само шест години бевме на 96-тото место. Во последните 5-6 години сме меѓу првите 3-4 топ-реформатори во светот, прогласени од Светската банка. Значи, драстично подобрена бизнис-клима, како за домашните, така и за странските инвеститори. Второ, договори за слободна трговија со сите земји во светот и можност Македонија да се одбере како локација за бизнис за да се покрие цела Европа, но и можност да се покријат други континенти. Трето, здрава макроекономска политика. Четврто, најниски трошоци за правење бизнис, најниски даноци, конкурентни трошоци во другиот дел, ретка можност во Европа да најдете толку едуцирани луѓе за толку ниски трошоци, подготвени да се приклучат на некоја компанија, договори за слободна трговија со сите држави во Европа, ниска инфлација, една од најниските задолжености во Европа, наведува премиерот, кој го предводи македонскиот владин тим во тек на посетата на САД.
Осврнувајќи се на областите од македонската економија кои нудат простор за најголема заработувачка кај потенцијалните инвеститори Груевски посочува дека најчесто, Македонија ја бираат компании од сектори каде конкурентноста е огромна и каде што бараат колку што е можно пониски трошоци, и, истовремено, висококвалификувани луѓе.
- Тоа се најчесто од делот на автомобилската индустрија, во делот на електрониката, како што е „Кемет електроникс“ од САД, електронски делови од автомобилската индустрија, има од фармација, заинтересирани компании од ИТ-секторот. Гледате и во Македонија од каде доаѓаат инвеститорите. Доаѓаат за производство на автобуси, автоделови, производсвто од областа на хемиската индустрија, вели македонскиот премиер.
Прашан зошто во Македонија нема доволен број инвестиции, како кај соседите, иако според Дуинг бизнис е лидер не само во регионот, туку и во светски рамки, Груевски одговара дека тоа делумно се должи на глобалната рецесија, пред се на европската рецесија, а делумно затоа што Македонија во минатото ја немаше на инвестициските карти.
- Тоа што сега го правиме е во последните неколку години. Ниту Македонија ги имаше овие услови, ниту пак имаше презентација на вакви услови, затоа што не беа добри за да се прави презентација, укажува тој и додава дека 99 отсто од тоа што владиниот тим го кажува на економските презентации е направено во последните 4-5 години.
- Ниските даноци, договорите за слободна трговија, ниски трошоци во други делови за водење бизнис. Во последните 5-6 години се воведени низа нови мерки како регулаторна гилотина, намалените комуналии за градење индустриски објекти и хотели, „едно евро“ почетна цена за земјиште за индустриски објекти... Затоа сега почнавме посебна промоција, за информација да допре до многу компании, затоа што тие не знаат. Ние имаме глобално реклами на Си-Ен-Ен, на телевизии во Турција, Холандија и други земји, но тоа се само промотивни клипови од 30 секунди, во нив нешто може да се каже, нешто не може, а друго е кога директно ќе дојдете, ќе им го презентирате пред нив и ќе им дозволите да ви постават прашање. Тоа е друга димензија. Прво се создаваат услови за да има што да рекламирате, вели премиерот Груевски.
На прашањето како може дијаспората да и помогне на татковината тој посочува дека тоа може да се направи како со инвестиции на тие што имаат бизнис, но и со лобирање за добрите услови за правење бизнис.
Од дијаспората, укажува, можат да инвестираат луѓе кои веќе се етаблирани таму каде живеат, каде веќе знаат како се прави бизнис, кои се успешни во тој дел. - Вие не можете да очекувате дијаспората да инвестира ако нема добри услови. Ако веќе има добри услови, а тоа веќе сите го препознаваат, вклучително и Светската банка, Форбс и останати, тогаш тоа го препознава и дијаспората. Не можеме да очекуваме дијаспората да инвестира само заради патриотизам, затоа што ја сакаат Македонија. Тие треба да направат профит. Сега се создадени добри услови за правење профит, и оние кои се добро етаблирани лица во бизнисот, можат да го направат тоа. Не може да очекувате секој од дијаспората да инвестира, од некој кој никогаш не водел бизнис или пак тоа го правел на локално нив, вели премиерот и истакнува дека тие можат да ни помогнат на друг начин - со лобирање за Македонија, одржување контакти, а може да инвестираат само оние кои веќе направиле добар бизнис и знаат како да го прават тоа. Најчесто инвестираат луѓе кои пробале да прават бизнис во земјите каде живеат и биле успешни во тоа, вели Груевски во интервјуто.
Според него, финансиската и економска криза со презадолженоста во Грција значително влијае врз забавувањето на разговорите за името.
- Влијае. Значително. Грција тоа го користи како алиби пред другите меѓународни партнери и тоа е проблем. Едното е алиби, а второто е што реално е дефокусирана. И, трето, затоа што и други знаат дека е дефокусирана и има проблеми, тоа земјата дополнително го користи за одредено алиби, вели Груевски.
Прашан дали пролонгирањето на преговорите за името меѓу Македонија и Грција негативно се одразува врз привлекувањето странски инвестиции премиерот посочува дека ако тоа се стави во контекст на членството во ЕУ и НАТО, особено за ЕУ, може да се каже дека неповолно влијае.
Меѓутоа, нагласува, има пак многу компании кои велат дека токму тоа им се допаѓа што не сме членки на ЕУ и НАТО, затоа што знаат дека со влегувањето во ЕУ ќе се зголеми конкуренцијата, ќе има поголем интерес, и за нив нема да биде толку атрактивно да се инвестира со ниските трошоци. Но, генерално, за нас е добро што е можно побрзо да влеземе во ЕУ и НАТО, затоа што продобивките од тоа ќе бидат поголеми, нагласува премиерот, во интервју за Гласот на Америка на македонски јазик. |