02.09.2012, 12:25 Брахими: Неопходна е итна промена на режимот во Сирија
Потребата од промена е итна и неодложна, а сирискиот народ треба да биде задоволен и неговите легитимни барања да бидат исполнети, истакна новиот претставник на ОН за Сирија
Новиот меѓународен претставник на ОН за Сирија, Лахдар Брахими, на првиот ден на новата функција изјави дека режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад треба да разбере дека потребата за промена е итна и неопходна.
Во интервју за телевизијата „Ал Арабија“ Брахими истакна дека сириската влада мора да одговори на легитимните барања на сирискиот народ.
- Потребата од промена е итна и неодложна. Сирискиот народ треба да биде задоволен и неговите легитимни барања да бидат исполнети, истакна поранешниот алжирски министер за надворешни работи. Тој нагласи дека како претставник за Сирија има целосна и јасна поддршка од Советот за безбедност на ОН.
Брахими повика за прекин на насилствата, но призна дека нема сет првични идеи за решавање на сирискиот конфликт. Тој истакна дека за него не постои варијантата за воена интервенција во Сирија.
Брахими функцијата меѓународен претставник на ОН за Сирија ја презеде од Кофи Анан. Анан поднесе оставка откако неговиот мировен план во шест точки не успеа да стави крај на насилствата во Сирија.
Иран ќе дејствува, ако САД ја нападне Сирија
- Ако Америка ја нападне Сирија, тогаш Иран заедно со сојузниците на Сирија ќе дејствува, што ќе претставува фијаско за САД, изјави Мохамад Али Асуди, заменик претставник одговорен за пропаганда во Корпусот на гардата на Исламската револуција.
Изјавата беше објавена на интернет страницата на Младинскиот новинарски клуб на Иран, но подоцна беше отстранета.
Други ирански претставници засега немаат коментар на оваа изјава на Асуди.
Според податоците на опозицискот сириски Центар за набљудување на човековите права од почетокот на бунтот против режимот на Асад во март 2011 година во насилствата животот го загубиле над 25 илјади луѓе. |