Металург со една нога во ракометната ЛШ
Ракометарите на Металург можат мирно да го пречекаат реванш мечот со турскиот првак Измир по првиот квалификационен меч за Лигата на шампионите бидејќи во гости го победија со 33:29 (15:16) и практично веќе се со едната нога во група заедно со првакот на Шпанија, Барселона, шампионот на Германија, Кил, и со норвешкиот првак Драмонд.
Реваншот со Измир во Скопје на 13 септември ќе биде само формалност бидејќи е тешко да се поверува дека металурзите ќе дозволат да ја пропуштат оваа голема шанса одново да играат во Лигата на шампионите со оглед дека имаат четири голови предност од првата средба и тоа на гостински терен.
- Игравме одлично во второто полувреме, беа зборовите на потпретседателот Филип Христовски по враќањето од Измир. Благодарејќи на судиската двојка, турските ракометари одржуваа резултатска рамнотежа во првите 30 минути, но подоцна, кога Брестовац со одличните одбрани речиси ги откажа, се здобивме со предност која до крајот ја сочувавме. Сега веќе можеме да мислиме на тешките натпревари со Кил (2 октомври) и Барселона (11 октомври) во гости и со Драмонд на 23 во Скопје. Јасно, ни претстои и дерби средбата со Вардар Про во првенството на Македонија на 17 септември.
Во Измир Металург играше во состав: Ристовски, Брестовац, Живковиќ 2, Лазаров, Жмигиќ, Ѓоргоновски, Станоевиќ 8, Миркуловски 9, М. Стоилов 2, Маљцев 3, Ѓоргоновски, Недановски, Јовиќ 5, Чентурија 1. (М. М.) |