Одбојкарите ја пишуваат историјата
Македонија попладнево во Чешка го игра својот прв бараж за Европско првенство
Избраниците на селекторот Светислав Пеица попладнево од 18 ч. (пренос на МТВ) против Чешка во Брно ќе влезат во историјата на македонската одбојка како први протагонисти во еден бараж за Европско првенство, во случајов за евросамитот што в година ќе се одржи во Турција. Возвратниот натпревар е в недела во салата „Борис Трајковски“ во Скопје, но дали најголемиот затворен спортски објект во Македонија тогаш ќе биде исполнет во голема мерка ќе зависи од резултатот од првиот дуел со Чесите.
„Минатата година игравме во чешкото првенство заедно со брат ми Владо. Лично ги знам нивните тројца ’домашни‘ репрезентативци, и тоа либерото Криштоф, како и Весели и Конечни. Станува збор за одлични одбојкари, но против кои може да се игра. Во целина, Чесите поединечно се поквалитетен тим од нас, но одбојката е колективен спорт. Не сме ни ние без свои адути“, вели Атанас Милев.
Чешка ќе настапи со дури шестмина нови играчи во однос на мајските квалификации, во кои го освои второто место во групата А, иако собра ист број поени колку и лидерот Словачка. Го нема Јиржи Крал од италијански Сисли, но ќе игра средниот блокер Михал Рак од Модена. Во тимот се враќа и примачот Јакуб Новотни, ексиграч на Перуџа. Техничарот Лукаш Тихачек со германски Фридрихсхафен стана европски шампион, а другиот техничар Ондреј Боула игра за француски Тулуз, од каде што доаѓаат и смечерот Јиржи Попелка и блокерот Лубомир Станек. Марек Новотни настапува за Сисли, а третиот смечер Петр Платеник играше за грчки Панатинаикос.
„Гостувањето во Брно не е невозможна мисија. Одиме да се надигруваме, па и да загубиме, убеден сум дека со кренати глави ќе го напуштиме теренот“, порачува Јовица Симовски. (Р.Д.) |