Мислења
Да не сте во нивна кожа
Исмет Рамадани
Помина времето кога пораките беа дека треба да се најде компромисно решение за името, сега пораката е - мора да се најде решение
Мајките на своите чеда обично им велат да не се оддалечат, плашејќи се дека нема да знаат да се вратат, а тие понекогаш се непослушни, па одат предалеку за да можеш да ги вратиш назад. За жал, премиерот на Владата како да заборавил дека мајчините пораки важат и кога си возрасен за да не забегаш, во овој случај во политички води кои понекогаш тешко можат да се препливаат. Така, надежниот премиер полн со енергија и волја за работа, но недоволно мудар, честопати е наивен следбеник на злонамерните интересчии околу себе, со кои набргу може да се најде во незавидна и тешко премостлива состојба. Верувам дека и самиот во својата потсвест е уверен дека во спорот за името со Грција направи погрешни потези, водејќи непотребна политичка битка во далечна и длабока античка историја. Сега, кога сознава дека беше измамен од такви кои го тапкаа по рамо за да остварат лични и групни интереси, како да се обидува нешто да поправи, а тоа му се гледа и по лицето, но тешко му оди. Неколку пати сум напоменал добронамерно во моите пишувања, се разбира не само јас, дека сега на сцена се некои квазиинтелектуалци и рекет-новинари, на кои не сакам да им спомнам име, мислејќи и тогаш и сега дека нему и на јавноста добро им се познати како профитери во македонскиот националромантизам со своја сомнителна припадност. Во последно време, кога прозбореа колосите на македонската историја и политика, за жал со задоцнување, таквите како да бледнеат и трокираат пред да им згасне и последниот кажан и пишуван збор.
Многу е лошо со такви загатки низ историјата, таканаречени��е верни на премиерот да го доведат човекот до состојба преку нос и да вели дека ние не сме ниту антички ниту словенски Македонци, туку сме само Македонци и ништо друго. Се забележува дека на човекот му дошло преку глава од историјата за да си вели очајно дека таа не постои. Нешто слично и дополнително му се наметнува и во културата со споменици и скулптури од две патриот-дами во локалната и централната власт, па нема да биде чудно да стане презаситен и да изјави еден ден дека нема потреба за култура во која има само споменици и скулптури. Чик погоди кои се тие! Пардон, не мора да погодите, премиерот ги има своите доушници и извршители за да им се оддолжи за „заслугите“ со кои го доведоа во рубикон-ситуација. Кога на премиерот ќе му проработи чувството на најодговорен, ќе им рече дека тие го изманипулирале него, а тој мнозинството на народот, и одмотувањето на јазолот на одговорноста ќе продолжи до крај, а за себе нека му ја мисли сам.
Медијаторот од ОН, Метју Нимиц, по се' изгледа изморен во својата функција и задача, а мора да ја заврши успешно, го донесе последниот предлог сет-идеи со компромисното име Република Северна Македонија и некои финеси за јазикот и идентитетот. Одговорот од компетентните на нашата држава и Република Грција за предлогот, обелоденет од нашиот претседател преку изјавата од посетата во Загреб, треба да следува кон крајот на август. Слободно си давам право да мислам дека е поминато времето кога пораките од конзистентната дипломатија на влијателните држави беа дека треба да се најде компромисно решение за името, сега доаѓа време на порака што е кратка и јасна за двете држави - мора да се најде решение. Во една ваква ситуација, кој е тој јунак, ако е одговорен политичар, да им рече „не“ на тие кои ја кројат и водат светската политика? Не велам дека не може да рече и „не“, но таквите обично се тргаат од политиката во која се одлучува, а секогаш се наоѓа некој друг кој ќе ја заврши работата.
Според мене, а убеден сум дека имам многу истомисленици, најодговорните во државата веќе се влезени во завршна фаза на изнаоѓање решение за името и осмислување на методологијата како побезболно да се изведе тоа до крај. Треба да се признае дека на првите луѓе на државата им претстои многу тешка одлука, што би се рекло, да не сте во нивна кожа, но така е во политиката, привилегиите носат и одговорност. По се' изгледа, референдумот како плебисцитно изјаснување на граѓаните останува како можна варијанта, но придружен со проблемот кој и како ќе се состави прашањето за името. Нормално е во вакви ситуации, и по барање на нарачателите, да се преземе одговорноста референдумот да биде успешен, а тоа значи прашањето да индуцира одговор – ДА. Кампањата за референдумот ќе беше полесна ако не отидовме предалеку во антиквизација под влијание на фрустрирани квазиинтелектуалци и рекет-новинари од некои сомнително контролирани медиуми. Како и да е, нека биде тоа поминато, признавајќи ги грешките и пропустите, намерни или ненамерни. Треба да се стиснат заби, се' да заврши како што треба и, конечно, да здивнат граѓаните дека во рамките на можностите е симнат еден тежок товар и голема пречка кон евро-атлантските интеграции.
Мора да признаеме дека проблемот за името со Грција одзеде многу време и енергија што се трошеше беспотребно, а попречуваше фокусирање на други сегменти кои, исто така, се значајни за државата и за нејзините граѓани. Ако им треба оправдување на најодговорните, а им треба, нека им соопштат на граѓаните полека и срамежливо дека не биле за промена на името, но како што гледате и самите, од тоа бегање немало, со или без референдум. Да не заборавиме дека пред три-четири години не сакавме да слушнеме да бидеме во иста групација со земјите со кои денес добиваме заедничка препорака од Европската комисија за укинување на визите и влез во шенген-зоната. Денес се радуваме заедно со нив и се тешиме со тоа дека подобро е да се случи некогаш отколку никогаш. Последната добра вест од ЕУ за укинување на визите покажа колку сме гладни да се радуваме на убави работи, иако овој пат со поминат рок, само нека ни се множат!
(Авторот е политички аналитичар) |