Дали Врело е најдлабока подводна пештера во Европа

Врвни спелеонуркачи ќе ја истражуваат пештерата во кањонот Матка
Меѓународна спелеонуркачка експедиција од 2 до 15 август ќе ја истражува пештерата Врело во кањонот Матка за да се утврди нејзината длабочина. Целта на нуркачите е да дојдат до длабочина поголема од 183 метри, со што Врело би била проглaсена за најдлабока подводна пештера во Европа.
Спелеонуркачкиот клуб „Врело“ информира дека неговите членови деновиве интензивно работат на расчистување на влезот и околината на пештерата како подготовка за истражувањето.
Подводната пештера Врело, која беше номинирана во изборот за едно од седумте светски чуда, досега е истражувана неколку пати, при што е испитана во нејзината внатрешност 450 метри во хоризонтала, а во вертикала до 98 метри, од каде што започнува нов отвор, чие дно се' уште не е достигнато.
Според процени на спелеолози, се претпоставува дека Врело е длабока 330 метри, односно дека е најдлабока подводна пештера во светот. За најдлабока подводна пештера се смета Бушмановата дупка во Јужна Африка, каде што е дојдено до длабочина од 282 метри, што е и светски и Гинисов рекорд во нуркање во длабочина.
Нуркачите во Врело ќе се обидат да го соборат европскиот рекорд во нуркање во длабочина, кој изнесува 182 метри постигнат во пештера во Италија, која се смета за најдлабока во Европа.
Во експедицијата, покрај спелеонуркачите од клубот „Врело“ - Киро Ангелески и Васил Соколов, ќе бидат и 11 нуркачи од странство, и тоа петмина од Белгија и шестмина од Италија. Ќе ги предводат врвните спелеонуркачи Марк Вандермулен од Белгија и Луиџи Касати од Италија, кои и го имаат постигнато европскиот рекорд во нуркање во длабочина. Марк Вандермулен и досега ја истражуваше пештерата Врело и при последната експедиција дојде до длабочина од 98 метри, кога се појавил нов отвор во вертикала. Токму затоа, овој пат заедно со италијанскиот колега Луиџи Касати, ќе влезе во тој отвор и ќе ја провери теоријата на научниците за длабочината на подводната пештера Врело, со што двајцата би го собориле и сопствениот европски рекорд во нуркање во длабочина.

Странските спелеонуркачи во Македонија ќе пристигнат на 2 август и веќе од следниот ден ќе почнат со нуркање што ќе трае од 10 до 15 часот. Членовите на клубот „Врело“ на влезот на подводната пештера поставија платформа долга 12 метри, од каде што ќе се почнува со нуркање.
Во рамките на експедицијата ќе се истражува и пештерата во кањонот на реката Бабуна во Велешко. И оваа пештера Марк Вандермулен ја има истражувано при претходната експедиција во 2007 година. Интересно во неа, што побуди интерес на овој врвен спелеонуркач, е фактот дека иако станува збор за сува пештера, има големо езеро и дури и водопад зад кој се наоѓа отвор кој во тој момент Вандермулен не можел да го истражи, бидејќи не располагал со соодветна опрема.
Овие истражувања, укажуваат од спелеонуркачкиот клуб „Врело“, покрај тоа што можат да дадат нов европски рекорд во нуркање во длабочина и да ја докажат теоријата на научниците дека Врело е можеби најдлабока подводна пештера во Европа, ќе дадат и научни резултати за водата, подводниот свет и воздухот во салата Пеони и ќе придонесат за развој на туризмот во Македонија. (МИА) |