Почна судењето за убиството на полицаецот кај ПМФ во Скопје

Адвокатите на обвинетите сметаат дека истрагата била слабо водена и очекуваат слобода за своите клиенти
Горан Адамовски
Во Основниот суд Скопје 1 вчера почна судењето за ланскиот напад врз полициски „алфи“ кај ПМФ во Скопје, при што беше убиен еден припадник на „алфите“, а двајца беа ранети. Главниот претрес на процесот што се води против Реџаиљ Ќерими (40) од Липково, Агим Ислами (26) од Скопје, кои се во притвор, Алмир Дрпљанин (30) од Скопје, кој е во бегство, и Рамадан Шакири (20) од Арачиново, кој се брани од слобода, е закажан за 2 септември, кога се очекува обвинетите да ја дадат својата одбрана.
Вчерашното судење, со кое раководи судијката Селмана Кадриу, траеше само половина час. Присутните сведоци потврдија дека остануваат на исказите што ги дале во истражната постапка. На судењето од притворското одделение во затворот „Скопје“ беа донесени Ќерими и Ислами, кои се товарат за убиство и за две кривични дела обид за убиство, додека Шакири, кој ќе одговара за помагање, не се појави, бидејќи не бил уредно повикан. Дрпљанин, кој одговара за истите дела како Ќерими и Ислами, и натаму е недостапен за македонската полиција.
Еден од сведоците, вработен во фирма за изработка на регистрации за возила, на фотографии го препозна третообвинетиот Алмир Дрпљанин дека ги нарачал регистарските таблички за возилото од кое се пукало во „алфите“.

Адвокатот Јован Јоанидис во изјава за медиумите рече дека очекува ослободителна пресуда за својот клиент, бидејќи „истрагата била лошо водена од почеток“ и дека во обвинителниот акт е „погрешно поставен“.
„Обвинетите воопшто не се познаваат, никогаш не се виделе, а и на телефонските листи се гледа дека никогаш не контактирале. Двајцата обвин��ти што се во притвор, имаат цврсто алиби за тоа каде биле дента кога се случило убиството. Едниот бил во Опае, а мојот клиент спиел во посебна просторија во Интернет-кафулето каде што работел. Се разбудил во 13,30 часот, а убиството се случило во 11 часот. Меѓу обвинетите нема никаква поврзаност и затоа очекувам ослободителна пресуда“, смета адвокатот Јоанидис.
Според наводите во обвинителниот акт, обвинетите со умисла го лишиле од живот полицаецот Африм Арифи, а се обиделе да ги убијат и неговите двајца колеги. Како што е познато, темносиниот „голф“ во кој се наоѓале напаѓачите се движел со голема брзина, па откако „алфите“ во возилото „мазда“ почнале да го следат, напаѓачите излегле и со рафали од автоматско оружје стрелале во полицајците. По бруталниот0 напад обвинетите се дале во бегство, но кога нивното возило заглавило во калливиот пат кај селото Кучевишка Бара, тие се префрлиле во возилото („пежо 206“) на Рамадан Шакири и со него, преку селото Брњарци, се упатиле кон Арачиново. Во текот на истражната постапка обвинетите се правдале дека немаат врска со убиството. |