ЕДИТОРИЈАЛ
Хармонија со краток здив
Оливера Војновска
Хармоничната слика од Клубот на пратениците, во која четворицата партиски лидери, предводени од премиерот Никола Груевски, засилено трчаат за да не ја пропуштат шансата што за нашата држава ја виде еврокомесарот Оли Рен, избледе уште на првиот свиок на патеката за ЕУ. Некаде точно пред Собранието на Македонија. Стануваат се' помали надежите дека и на фотографијата што ќе ја направат на 15 септември - датумот што на седум години ни се повторува како судбина, ќе ги видиме нивните среќни лица полни со еуфорија. Такви какви што беа кога пред камерите ги даваа изјавите под импресии на впечатоците од посетата на високиот гостин од Брисел.
Која е смислата на лидерските средби и свесното суспендирање на Собранието, ако договореното на овие собири, кои се издигнуваат на ниво на институција, не се почитува? Буквално по секоја средба на лидерската четворка, откако ќе се испратат оптимистичките пораки за единство, секој повторно ја пее својата песна.
Овојпат составот на екипата беше малку поразличен, па наместо бунтовниот Тачи во комбинација влета харизматичниот Селмани. Груевски појасни дека претпоставувал оти Тачи ќе ја игнорира поканата. Меѓутоа, дали премиерот претпостави дека неговиот пријател Селмани нема само да се смешка презадоволен во улогата на резервна варијанта за баланс. Или, премиерот можеби знаеше дека поранешниот министер во неговата Влада, онака пресреќен што е дел од „големата лидерска четворка“, ќе сака да поентира пред сопствениот електорат.
Но, требаше да претпостави дека и неговиот коалиционен партнер Али Ахмети нема да ја пропушти можноста да го јавне популистичкиот бран. Или, премиерот се понадева дека Ахмети во име на „шансата што е пред Македонија“, нема на ситно да поентира.
На крај, повторно се' се свед��ва на политичка игра, со премногу висока цена. Употребата на албанскиот јазик, во пакет со Бадентер или без него, е стара приказна, но во отсуство на инспирација секогаш е добредојдена за купување политички поени. Иако се' помалку романтичарски души паѓаат на овие теми, што во секој случај не треба да се туркаат под тепих.
Но, исто така, не смее да се вадат како џокер секогаш кога за тоа ќе се почувствува погоден политички момент. Уште помалку треба да се користат како закана и со јазикот да се пука како со оружје. Искуството ни кажува дека со ваквиот пристап ниту од далеку не се постигнува саканиот ефект.
Секогаш кога некоја од партиите на Албанците е во опозиција таа е многу загрижена за употребата на албанскиот јазик, знамето, симболите... Тогаш, опозиционите лидери на Албанците се виртуози за фрлање искри и потпалување. Око не им трепнува дали и како ќе се изгасне политичкиот пожар. Не помислуваат на тоа колку длабоко ќе зафати во кревкото ткиво на „нашата мултиетничка држава“, како што тие обожаваат да се изразат.
Кога се во опозиција многу им е битно двојазично да бидат испишани салите за состаноци, седници, дури и ознаките за ресторанот, бифето, можеби и онаа за тоалетот! Не за друго, туку за полесно да ги пронајдат, да не се изгубат низ собраниските ходници.
Кога ќе станат дел од власта некако губат интерес за овие прашања, многу поинтересни им се тендерите и позициите во извршната власт од каде што може лично да профитираат.
Можеби затоа кратко ги држеше оптимизмот дека можат да го истрчаат маратонот. Па, откако преспаа, се освестија дека не е лошо да се обидат преку странични патишта и со по некоја сопка. Макар до финишот целосно да папсаат.
Сепак, тоа што овие наши лидери, забревтани во своите политички агенди, го губат здивот, и не е некаков проблем. Далеку, далеку пострашно е тоа што Македонија се оддалечува од целта. И тоа правопропорционално со нивниот авантуристички дух. |