„Баклава“ и Ајнур го отвораат 9. „ОФ фест“

Деветтото годишно издание на „ОФ фест“, кој ќе се одржува од први до петти јуни во МОБ во Скопје, ќе биде отворено со настапи на македонската музичка група „Баклава“, и на пејачката со курдско потекло Ајнур, позната по своите карактеристични импровизации, изведувајќи турски и курдски фолк-песни.
Од Албанија и од Грција на вториот фестивалски ден ќе настапат фолклорниот ансамбл „Тирана“, како и една од најзначајните грчки музички појави со меѓународна репутација, Савина Јанату заедно со својот ансамблот „Примавера ен салонико“, кој изведува избрани грчки, фолк и други композиции.
За 3 јуни е најавен настап на Герардо Нињез, реномираниот музичар на современото шпанско фламенко и на фламенко-танчерката и кореограф Кармен Кортес, позната во својот домен и надвор од границите на Шпанија.
Последниот фестивалски ден, 5 јуни, е резервиран за специјалниот настап на Португалецот, познатиот композитор Родриго Леао и неговиот „Синема ансамбл“ заедно со Македонската филхармонија.
За крај на фестивалот истата вечер, пред публиката на платото на Музејот на Македонија ќе се претстават осумтемина членови на африканската група „Гангбе брас бенд“ од Котону, Беин. (К.Б.) |