Број 3291  четврток, 27 мај 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter
Култура

Боро Драшковиќ и Жарко Радиќ на „Астерфест“

На отворањето на 6. струмички фестивал плакетата „Астер“ ќе му биде врачена на шпанскиот независен автор, Мигел Ермосо

Сунчица Уневска

Денеска во 20 часот во Домот на АРМ во Струмица, во присуство на гостите што ќе ги примат почесните признанија и со премиерна проекција на два македонски филма, свечено ќе се отвори 6. издание на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“ (27 до 31 мај), кој годинава во текот на пет дена носи педесетина филмски наслови и зголемен број гости.

Самото присуство на големото шпанско име на авторскиот филм, Мигел Ермосо, како и на познатиот српски режисер и педагог, Боро Драшковиќ, и на еден од маркантните хрватски актери, Жарко Радиќ, не само што ќе донесе едно поинакво чувство и ќе го подигне нивото на фестивалот, туку говори и за се' поголемата релевантност, која овој фестивал, посветен на независните кратки и документарни филмови, за само шест години успеа да ја достигне. На шпанскиот режисер и сценарист Ермосо ќе му биде врачена плакетата „Астер“ за високи достигнувања на полето на авторскиот филм, а почесни признанија ќе добијат и Боро Драшковиќ за неговата режисерска поетика и актерот Жарко Радиќ, за неговиот придонес во филмската и драмска уметност на Југоисточна Европа.

Интересно е дека филмскиот старт на фестивалот, чие мото годинава е „Евроатлантски филмски патоказ“, ќе се случи со проекција на два македонски филма, и тоа прикажани со најнова ХД-технологија. Станува збор за краткиот игран филм „Крајот на светот“ на Јани Бојаџи и на документарниот „Девојчето што бере тутун“ на Билјана Гарванлиева, направен целосно во германска продукција. Филмот на Гарванлиева е во главната годинешна селекција, составена од десет документарци и ќе се бори за една од главните награди, додека филмот на Бојаџи е во натпреварувачката секција за краток игран филм.

А по свеченото отворање и овие специјални проекции, истата вечер од 22 часот веќе и официјално ќе започне програмата на годинешниот „Астерфест“ со прикажување на уште три документарни филма од главната програма: швајцарскиот „Звукот по луњата“ на Патрик Сергел, Рајан-Фенсон Худ и Свен О. Хил, грчкиот „Шеќерен град - ден потоа“ на Кимон Цакирис и данскиот „Албертовата зима“ на Андреас Коефоед.

Инаку, во главната компетитина документарна програма оваа година, покрај филмот на Гарванлиева, има уште два македонски филма, и тоа „Погледни го животот низ моите очи“ на Марија Џиџева и „Волшебниот рид“ на Петар Џуровски. Останатите наслови доаѓаат од: Србија, Русија, еден е од Англија и еден направен во американско-германска продукција. Додека во натпреварувачката програма на кратки играни филмови, кои се борат за единствената награда за најдобар краток филм, покрај остварувањето на Бојаџи е и филмот на Гоце Цветановски „Фереџето на среќата“. Во оваа програма има уште девет остварувања, од кои осум се од Европа и едно од Канада.

Официјалното меѓународно жири, кое годинава ќе одлучува за наградите „Златна, Сребрена и Бронзена потковица“, како и за наградата „Старозлатен проектор“, е составено од режисерите: Боро Драшковиќ од Србија, Марија Перовиќ од Црна Гора и Карпо Година од Словенија. Покрај главното жири, ќе има и специјално, кое ќе додели награди во програмата „Мувиленд“, годинава посветена на кратки филмови од Словенија и во новововедената програма на анимирани филмови „Анима“, како и наградата „Ацо Алексов“ за најдобар македонски автор, во чија конкуренција влегуваат сите македонски автори вклучени во главната програма на документарен и краток филм и уште Иван Ивановски, чиј филм „Внатре“ ќе се прикаже во рамките на анимираната програма.

Годинава „Астерфест“ го организира големиот и значаен симпозиум на тема „Кинематографските проблесоци во Струмичко“, кој се одржува денеска во 11 часот во Домот на АРМ. А во 12 часот во Центарот за култура „Антон Панов“ фестивалот (уште пред самото официјално отворање) подготви и едно изненадување за најмладата публика, филмот „Љубов за летање“ на неодамна починатиот македонски автор Драги Савевски. Во текот на утрешниот ден во Центарот „Антон Панов“ во 10,30 часот предвидена е и промоција на брошурата „Астерфест - 5 години потоа“ објавена на македонски и на англиски јазик, како и на новата едиција на ДВД-изданија со избор на филмови прикажани на „Астерфест“. А во 12,30 часот ќе почне интензивната работилница за правење документарци со учество на истакнати документаристи.

Годинава „Астерфест“ ќе има и неколку ревијални проекции, и тоа на кратки шведски филмови кои под наслов „Шведски бисери“ ќе ги претстави Даниел Виртберг, а ќе има и филмска посвета на еден од најнаградувани помлади италијански режисери, Андреа Лодовичети. Предвиден е и еден ревијален куриозитет односно специјална проекција на најгледаниот црногорски филм „Гледај ме“ на Марија Перовиќ. Официјалното затворање и доделување на награди ќе се одржи на 30 мај, кога во чест на наградените ќе се прикаже шпанскиот игран филм „Бегалци“ на гостинот Мигел Ермосо. Инаку, фестивалот продолжува и на 31 мај со проекции на наградените филмови.


#
Статијата е прочитана 280 пати.

Испрати коментар


Најди! во Утрински
Култура
Гане Тодоровски беше единствен во македонската поетска фаланга
Мајстор на јазичните игри
Поетска совест на нашата земја
Величината извира од едноставноста
Клучна фигура на модерна Македонија
Во македонската реалност изора многу бразди
„Баклава“ и Ајнур го отвораат 9. „ОФ фест“
Концерт на младите таленти од ФМУ
„Форум Скопје“ вечерва со „ПР-отест“