„Амазон“
Продадени повеќе е-книги од печатени
28.01.2011, 11:32
Компанијата која се занимава со електронска трговија „Амазон“ објави дека електронските книги наменети за нивниот дигитален читач „Киндл“ првпат ги надминаа во продажба традиционалните, печатени книги со меки корици во САД. Ова може да се смета за историски момент во борбата помеѓу новата и старата технологија.
Електронскиот трговец „Амазон“, во извештај за последните финансиски резултати обелодени дека на секои 100 книги со меки корици кои ги продале, компанијата продала 115 книги за „Киндл“ електронскиот читач. Дополнително, во истиот период, „Амазон“ продаде три пати повеќе електронски книги од книги со тврди корици.
Во соопштението „Амазон“ наведува дека ова се однесува на нивниот бизнис во САД, а ги вклучува и продажбите на печатени книги за кои нема „Киндл“ електронско издание. Во извештајот не се земени во обзир бесплатните „Киндл“ книги, кои доколку би биле вклучени би ја зголемиле разликата уште повеќе.
|