Демократија само во име(то) на партијата
„Кај нас сите лидери се во потрага по Тито, бидејќи се' уште политички зрееме“, коментираат аналитичари
Светлана Унковска
Зборот демократија е главна компонента во имињата на голем дел од политичките партии во земјава, но малку од нив можат да се пофалат дека воопшто го практикуваат меѓу своите редови. Дали е ова како некое правило или, пак, со самото апострофирање на принципите и вредностите на современите општества априори се сака да се наметне впечаток дека станува збор за политички субјект што функционира демократски, па бидејќи го има во насловот тогаш не е ниту потребно така да функционираат. Грдото лице на раководството на политичките партии се открива со суетноста на лидерите и личните интереси, главно, на повисокиот дел од партиските функционери, со што со право се поставува прашањето дали оние што треба да ја развиваат демократијата, всушност, се нејзина најголема пречка.
Аналитичарот Слободан Чашуле вели дека нашите партии се така устроени со статутите што на оној што ќе биде избран во највисокото раководство му се дадени целосни ингеренции. Дури има и партии каде што претседателот ги избира централниот одбор или комитет.
„Кај нас сите лидери се во потрага по Тито, така што ние сме во фаза на политичко зреење како општество. Сепак, во ВМРО-ДПМНЕ, а донекаде и во СДСМ, почна процес на внатрешно разградување и подмладување. Јас сум оптимист дека новите политичари, без претходно искуство на лидерство олицетворено во ’татко’, многу бргу ќе воведат поинакви односи во нашите партии“, смета Чашуле.
Според него, вакви појави се се' почести во Европа. Како примери ги посочува проблемите на демохристијаните во Германија по заминувањето на Кол и доаѓањето на Меркел, која не е беспоговорен лидер, случувањата во Франција по Митеран и Жак Ширак. „Обидите да ги задржат истите прерогативи на авторитет на претходниот лидер доведуваат до кризи во нивните партии“, коментира тој.
Ние, додава Чашуле, сме израснале во услови на демократски централизам и ни паѓа природно претседателот да биде најпаметен и кога ќе стапи на таа функција целосно му се доверува централизмот, се верува во него, а забораваме дека е еднаков со нас. „Во ВМРО-ДПМНЕ има поголема отвореност да се внесат во програмата сите елементи со кои се идентификуваат граѓаните има во ВМРО-ДПМНЕ. Како Груевски ќе го надвладееше митот на Георгиевски да не се отвораше кон примарните интереси на граѓаните? Во СДСМ, пак, има мало отворање кон средната интелектуална класа што, за жал, е во мал број“, вели Чашуле.
Забележливо е дека во последно време и одредени партиски личности почнуваат полека, но сигурно да осознаваат дека, сепак, демократијата и лидерството не е само по себе вредност, туку дека тоа треба да биде применлива категорија. Филип Петровски најави можност за фракционерско дејствување во новата партија што планира да ја формира - демократска десница. „Мене не ми пречи ниту 100 фракции да има во партијата. На подмладокот им ги поделив да го разгледаат документот на ВМРО-ДПМНЕ од 90-тите години. Тоа беше период кога за претседателите на општинските комитети имаше право да гласа целото членство. Тоа беше врвен израз на демократијата, кој подоцна се напушти и се направи голема грешка, по што се централизираше партијата. Сега Груевски поставува и претседател на подмладок во Виница, што е неприфатливо“, истакнува Петровски во своето интервју за „Публика“.
Според претседателот на Социјалдемократската унија, Лазар Еленовски, зборот „лидер“ има демократска природа и се мисли на демократски лидер, на човек што води. „Во нашиот случај, тоа се многу повеќе автократи отколку лидери. Видете само како владеат или владееја со државата и се' ќе ви биде јасно. И уште повеќе видете како железно недеморатски владеат во сопствените партии (кои во добар дел ги приватизирале) и коментарот и излишен“, пишува во својата колумна Еленовски. И додека прашањето на тоа колку имаме демократија во партиите се отвора само во некои субјекти, двете најголеми политички претставници, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, како и поголемите партии од албанскиот политички, блок молчат како риби. За неприкосновеноста на шефовите на политичките партии и за тоа како тие го создаваат амбиентот околу себе пишува и професорот Нано Ружин, кој е од редовите на либералдемократите. Неговите забелешки, главно, се однесуваат на немањето демократија во партијата, односно на централистичко функционирање и на непочитување на какви било поинакви мислења од неговото. Иако принципот на централизам беше одлика на поранешниот, комунистички систем на владеење, како најмногу критикуван, сепак, во редовите на партиите, дури и во оние што се претставуваат како најголеми негови противници, остана најмногу применлив.
„Во партиската пирамида меѓу првите стотина што го сочинуваат централниот одбор или комитет требало да се избираат догматски заслепени членови што се полесни за манипулација, слично како во комунизмот. За останатата партиска структура тоа не е ни битно. Тие ја цементираат власта на лидерот. На тој начин се одржува долговечноста на партискиот ајатолах во владеењето со сопствената партијата“ наведува професорот Ружин во својата вчерашна колумна за нашиот весник.
Ваквите ставови на либералдемократот често пати се застапени и од неговиот сопартиец Слободан Најдовски, кој вели дека комунизмот живее во македонските партии. „Многу ретко во статутите на македонските политички партии е оставена можност за формирање и опстојување фракции. Но, и во партиите каде што е дадена таа можност, тоа е само формалност и секој обид за такво дејствување истовремено значи отворање фронт за елиминирање на иницијаторите. Со еден збор, фракционерите се ерес и за брзо време се отстрануваат од партиските органи, а некаде и од партијата. Демократијата отсуствува, посебно кога партијата е на власт и особено кога е во прашање кадровската политика. На тој план актуелната владејачка партија отиде најдалеку, при што нејзината централизираност и исклучивост добија застрашувачки димензии“, вели Најдовски. |