Магла
Откажана средбата на Милошоски со Друцас
28.01.2011, 11:21
Шефот на македонската дипломатија Антонио Милошоски нема да учествува на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа во Будва, поради пролонгирање на летот за Подгорица заради маглата и снегот на скопскиот аердором „Александар Велики“. Откажана е и средбата со грчкиот министер за надворешни работи Димитрис Друцас што требаше да се одржи на маргините на состанокот.
Македонската делегација, како што информираат од МНР, ќе ја предводи директорот на Директоратот за билатерални односи со државите од ЈИЕ, Дејан Костадинов Петров, кој од пред неколку дена се наоѓа во Црна Гора и ќе се обрати од името на министерот Милошоски.
„Средбата со колегата Друцас, се надевам ќе се одржи кога ќе има помалку магла во билатералните односи“, изјави Милошоски за МИА по добивањето на информацијата за неможноста да стигне навреме на состанокот во Будва.
|