Седиштето на ОН ќе се шири
Препознатливиот објект веќе 60 години е дел од ликот на Њујорк
Гувернерот на американската сојузна држава Њујорк, Ендрју Куомо, го потпиша решението со кое се одобрува изградба на нова зграда на ОН, а ќе се наоѓа во западниот дел на Менхетен.
Предвидено е ОН да се прошират на југ од сегашното седиште и да изградат канцеларии на игралиштето „Роберт Мозес“, простор меѓу 41 и 42 улица источно од Прва авенија. Законот за проширување, кој законодавното тело го изгласа во јуни, бара градот да најде нов простор за парк во Менхетен што ќе го надомести загубениот половина хектар за Обединетите нации.
Спонзорите наведоа дека новата зграда нема да биде повисока од 39-катната зграда на ОН, најпознатата атракција на комплексот. Новата зграда ќе има вкупна површина од 80.000 квадратни метри и се очекува нејзината изградба да чини меѓу 370 и 475 милиони долари.
Проширувањето е потребно за да се сместат и за да се подобри безбедноста на персоналот, откриваат поддржувачите на оваа идеја. Вработените сега се ратршкани низ зградите што се во сопственост на градот и на приватни сопственици.
Изградбата на оригиналниот комплекс на ОН, кој се протега на површина од околу седум хектари во Тртл Беј, почна во 1947 година. Седиштето во голема мера остана исто откако библиотеката „Даг Хамарскјолд“ беше додадена во 1961 година. „Повеќе од 60 години Обединетите нации се важен дел од Њујорк, носат работни места, туристи и економски развој за градот“, изјави Куомо. „Овој закон им овозможува на ОН да ги прошират своите капацитети, носејќи стотици милиони долари во нови инвестиции и ќе му помогнат во намерата подобро да ја извршуваат својата витална мисија“.
Обединетите нации треба да го одобрат договорот што, наводно, би значел однапред да се платат 75 милиони долари за земјиштето на паркот. Приносот од продажбата на земјиштето се очекува да биде искористен за да се помогне во финансирањето на реновирањето на шеталиштето по должината на Ист ривер од 38 до 60 улица. Официјален договор треба да биде потпишан до 10 октомври за да биде одобрен трансферот на земјиштето на „ОН девелопмент корп.“. (Њујорк пост) |