Руперт Мардок се извинува
Корпорацијата на медиумскиот магнат од петни жили се труди да го поправи разнишаниот углед
Продолжуваат извинувања од Руперт Мардок, кој објави и втора реклама во весник дека неговата „Њус корп“ ќе даде отштета за скандалот со прислушување на телефоните што ја потресе неговата глобална медиумска империја. Во рекламата објавена во неколку британски неделни весници се наведува дека „Њус корп“ ќе помогне во полициската истрага и дека „нема да има место каде да се скријат“ престапниците.
Ова следуваше по рекламата на цела страница во саботниот број на весниците што гласеше „Ние се извинуваме“. Минатата недела Мардок го затвори 168 години стариот таблоид „Њус оф д’ворлд“ откако беше обвинет дека прислушувал познати личности, политичари, други новинари, па дури и жртви на убиство.
Неговите критичари посочија дека тоа не е доволно. Лидерот на британската Лабуристичка партија, Ед Минилбанд, изјави дека Мардок има „премногу моќ“ и неговата британска медиумска империја треба да биде уништена.
Претседателот на Ла��уристичката партија, Ед Милибанд, се заложи за укинување на концентрацијата на сопственост над медиумите, каква што имаше австралискиот магнат, наведувајќи дека нездравиот удел на пазарот води кон злоупотреба на моќта.
И по укинувањето на таблоидот „Њус оф д’ворлд“, Мардок ги поседува најтиражниот таблоид „Сан“, „Тајмс“ и „Сандеј тајмс“ и 39 отсто од акциите во телевизијата Бритиш скај бродкастинг, а под голем притисок на британската јавност се откажа од планот да го откупи остатокот од уделот. „Време е да ја поставиме ситуацијата така што никој не ќе може да има повеќе од 20 отсто од новинскиот пазар, ’Скај мрежата‘ и ’Скај њус‘“, порача Милибанд, а пренесе Обсервер.
Корпорацијата на Мардок од петни жили се труди да го поправи разнишаниот углед: во бројни изданија на денешните весници платија оглас во кој тврдат дека сфатиле што погрешно направиле и дека тоа ќе го поправат. Се наведува дека компанијата донела нова управа, која ќе се потруди никогаш повеќе да не се повтори случајот како упадот и незаконското прислушување на мобилните телефони. „Ќе ни треба време да ја повратиме довербата, но мораме да живееме поради очекувањата на нашите читатели, колеги и партнери“, се наведува во огласот.
Во првата недела во која по 168 години не излезе „Њус оф д’ворлд“, другите изданија на Мардок се обидоа со агресивна кампања да ги привлечат читателите да се префрлат на некои други весници од „Њус корп“. Задачата е сериозна бидејќи „Њус оф д’ворлд“ секоја недела го купува околу пет милиони Британци.
Инаку, специјалната американска истражна комисија не утврди докази за прекршување на новинарската етика во весникот „Вол стрит џурнал“ или за други злоупотреби во компанијата што го издава овој економски дневник, „Дау Џоунс“, која е во сопственост на групацијата „Њус корпорејшн“ на контроверзниот медиумски магнат Руперт Мардок.
Според Комисијата, оставката на еден од главните извршни директори на „Дау Џоунс“, Лес Хинтон, не е поврзана со некакви противзаконски активности на компанијата или весникот.
Хинтон во петокот поднесе оставка на функцијата во знак на протест поради скандалот со телефонските прислушувања извршени од страна на новинари на британските изданија на „Њус корпорејшн“.
Претседателот на Комисијата, Томас Бреј, изјави дека таа не вршела независна истрага врз чија основа го донела ваквиот заклучок, туку до него дошла врз основа на она што е видливо за сите.
Комисијата имаше за цел да утврди дали изданијата на „Њус корпорејшн“ во САД се користеле со истите методи за доаѓање информации, како и нивните колеги во Велика Британија, каде што последниве недели глава тема се прислушувањата што ги вршеле новинарите на медиумите на Мардок. |