Го уриваат мавзолејот на Енвер Хоџа
Кенан Мимидиноски
Тирана - Намерите на премиерот на Албанија, Сали Бериша, целосно да се урне мавзолејот на Енвер Хоџа, кој се наоѓа во центарот на Тирана, се остваруваат. Парламентарното мнозинство, без опозицијата, донесе одлука за уривање на таканаречената Пирамида изградена во осумдесеттите години во чест на диктаторот Хоџа. Собранието, и покрај силните спротивставувања на голем број архитекти, политичари и други асоцијации со гласовите на мнозинството на коалиционите партнери - Демократската партија на Сали Бериша и Партијата за социјалистичка интеграција на Илир Мета, одлучи на ова место да започне изградбата на нов објект на парламентот на Албанија, кој треба да биде завршен до 2012 година, кога е и стогодишнината од формирањето на албанската држава.
Пирамидата во која беа сместени галерија, музеј и други културни институции, а во еден дел е сместена и големата приватна влијателна телевизија Топ чанел, опфаќа преголема квадратура што пречи да се реализира проектот на владата за нов парламен��.
Познати личности, не само од левицата, веруваат дека пирамидата треба да се зачува како спомен на едно минато време. Се потпишуваат петиции против уривањето, а и новиот градоначалник на Тирана, демократот Лулзим Баша, уште пред локалните избори на 5 мај изјавуваше дека треба многу внимателно да се пријде кон овој чин.
Се очекува и овој чекор на власта да доведе до протести. |