Израел ќе го нападне Иран во септември

Поранешен агент на ЦИА тврди дека САД ќе бидат вовлечени во уште еден конфликт
Вашингтон - Во текот на септември Израел би можел да го нападне Иран, тврди поранешниот долгогодишен агент на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА), Роберт Баер, кој повеќе од две децении живеел на Блискиот Исток.
„Таквиот израелски потег би ги вовлекол САД во уште една војна и би го загрозил американскиот воен и цивилен персонал на Блискиот Исток и пошироко“, изјави Баер во интервјуто за една радиостаница од Лос Анџелес.
Во разговорот тој не го наведе изворот на ваквата информација, но во неколку наврати спомна дека поранешниот шеф на израелската разузнавачка агенција Мосад, Меир Даган, предупреди оти израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, е „цврст во одлуката“ да ги нападне иранските нуклеарни инсталации.
„Речиси е сосема сигурно дека Нетанијаху планира напад (врз Иран) и тоа, веројатно, ќе се случи во септември, пред изјаснувањето (на ОН) за палестинската држава. Тој, исто така, се надев�� дека ќе ги вовлече и САД во судирот“, нагласува Баер.
Според него, Израел планира напади врз иранскиот комплекс во Натанц и врз други нуклеарни инсталации, со цел „да ги уназади нивните способности“.
„Иранците ќе возвратат каде што ќе можат. Басра, Багдад... Нашите специјални сили веќе ги проценуваат иранските мети во Ирак, но и целите преку границата (во Иран) што ние ќе ги нападнеме. Се соочуваме со ескалација. Тоа е сценарио на ноќен кошмар. САД немаат доволно војници на Блискиот Исток за да водат војна каква што би била таа. Мислам дека гледаме во амбис“, дополни Баер.
Израелската влада засега не ги коментира ваквите тврдења на Баер.
Израел го смета Иран за најголема закана за своето опстојување и тврди дека Техеран работи на производство на атомска бомба. Израелските лидери во неколку наврати истакнаа дека не е исклучена опцијата за напади врз иранските нуклеарни инсталации, доколку меѓународните санкции не го принудат Иран да се откаже од контроверзната нуклеарна програма, за која Техеран тврди дека е за цивилни цели. |