Пандев и Интер кралеви на светот
Македонскиот репрезентативец го отвори патот кон убедливата победа над Мазембе во финалето на клупското првенство во Абу Даби
Половина од светот не е доволен. Целата планета да! Македонскиот репрезентативец Горан Пандев со својот Интер е на светскиот фудбалски врв. Тој е третиот Македонец на кому му успеало тоа по Дарко Панчев и ��лија Најдовски 1991 година со Црвена звезда.
Тогаш Панчев во финалето во Токио постигна гол против Коло Коло (3:0 - два беа дело на Југовиќ), а сега Пандев беше тој што го отвори патот до победата над африканската сензација Мазембе, исто така од 3:0.
„Сакам најпрвин да му се заблагодарам на Ето за голот. Ми даде брилијантна топка. Но, мора да потенцирам дека сите играчи одиграа максимално. Среќен сум поради себе, поради моите соиграчи, поради фановите. Кога сме сите заедно како во Абу Даби Интер дефинитивно е поинаков тим. Се надеваме дека и Снајдер бргу ќе ни се врати. Ова е мојот петти трофеј откако дојдов во Интер. Тоа некому ни во сон неможе да му се сони. Голем меч, голема победа. Кој знае кога пак ќе се потвори“, изјави по мечот пресреќниот Пандев, кој по долго време одигра на нивото на кое беше кога на клупата седеше Жозе Мурињо. Освен што го постигна голот, му аситираше и на Ето за вториот ( вистина по малку случајно), а на два пати го инсталираше Милито во стоотстотни шанси, но факт е дека на Аргентинецот се' уште му фали последниот чекор.
Токму Ето, а потоа и Бијабијани ја потврдија супериорноста на европскиот фудбал. И наедно го вратија Интер онаму каде што беше пред цели 45 години со Корсо и Мацола (тогаш падна аргентинскиот Индипендиенте).
Како и да е, прелесна победа за Интер на Морати јуниор (ако така уште некој може да го вика). Досега оние што велеа дека е допрена славата на оној Гранде Интер на Херера, сега ќе викаат дека е цврсто фатена со двете раце. Ова беше петти трофеј за Интер во 2010 година. Да потсетиме, трите (Лигата на шампиони, Серија А и Италијанскиот куп) ги освои со Жозе Мурињо, а последните две (Италијанскиот суперкуп и клупското СП) со Рафеал Бенитез, кој веројатно Во Абу Даби купи и нешто слобода кај италијанските медиуми и газдатата Морати.
И без Снајдер Интер постигна шест гола на турнирот, а не прими нуту еден. Рафаел Бенитез се обиде да стави своја мирудија во специјалитетот. Познатата формација на Мурињо 4-2-3-1 ја преструктуираше во 4-3-3 со ставање во игра на Дејан Станковиќ на почетокот на вториот дел на местото на романскиот дефанзивец Киву. „Го направивме она што моравме. Не бевме уплашени. Имав неколку дилеми, но на крајот одлучив пред Маикон да го ставам Занети. Помислив дека играч од калиброт на Станковиќ ќе ни биде поважен некаде на средина од натпреварот и тоа се покажа точно. Презадоволен сум“, изјави Бенитез кој со Валенсија го освои Купот на УЕФА, а со Ливерпул Лигата на шампиопни.
И вистина, српскиот репрезентативец помогна во пресингот, во кој со многу сила партиципираа и Пандев, Мота, Камбијасо и Занети. Маикон се врати на терен во вистинско врем, како и голманот Жулио Цезар. Важно враќање за иднината. Но, кој гледа сега во иднината по идиличната ноќ во Абу Даби! (Н.К)
Мазебе, сепак, далеку од европскиот фудбал
Мазембе е првиот неевропски или нејужноамерикански тим кој заиграл во финале на светското клупско првенство кое започна во 2000 година на „Маракана“ во Рио де Женеиро. Треба да се искаже почит кон она што го направи во Абу Даби (ги совлада пачука и Интернационал), но исто така треба да се напомене дека против Интер во ниту еден момент не покажа дека е барем блиску до нивото на европските тимови.
Златната топка за Самуел Ето
Самуел Ето е прогласен за најдобар фудбалер на првенството. Сребрената топка отиде во рацете на Калујитуки од Мазембе, а бронзената кај Андрес де Алесандро од освојувачот на третото место, бразилскиот Интернационал. Лани оваа награда отиде во рацете на Лео Меси од Барселона, а пред две години кај Вејн Руни од Манчестер јунајтед.
Како што кажавме Ето го постигна вториот гол за Интер. Тое не е ништо невообичаено за него. Но, беше невообичаен начинот на славење на погодокот. Камерунецот дотрча до клупата на својот тим и очигледно договореното славење го заокружи со кревање на две ќеси со клупски реквизити. |