МЕРИДИЈАНИ
Парадоксот Берлускони
Паоло Меса
Дали Италија ќе се справи со политичката криза? Одговорот е парадоксален како и италијанската политика: привремено, дефинитивно
Во Италија една бура мина. Друга, можеби поголема, треба допрва да почне. Италијанската политика е пејзаж на парадокси и оксиморони. Така, премиерот што доби масовна поддршка од гласачите пред само две и пол години, победи на изборите сред мандат, преживеа две гласања за доверба во парламентот и се' уште ужива висок рејтинг, константно е под притисок.
Минаа 16 години откако Силвио Берлускони, благослов и клетва за италијанскиот народ, го направи првиот упад во политичката арена. Од тие години Берлускони е осум на власт, иако, како што истакнува Џулијано Ферара, уредник на „Ил фољио“, народната перцепција е дека тој владее цело време. Ерата на Берлускони се приближува кон својот самрак, па, сепак, неговото сонце не е подготвено да зајде. Берлускони, шеф на медиумско царство (телевизија, радио, печат, Интернет, филмови, реклами и книги), реши да формира партија во време кога веруваше дека посткомунистите би можеле да добијат власт на друг начин. До 2006 година Берлускони се потпираше на тројца приврзаници: федералистите од Северната лига, постфашистите предводени од Џанфранко Фини и Католичката унија на центарот (УДП) под раководство на Пјер Фернандо Касини.
Во 1994 година Фини и Касини имаа по околу 40 години, се сметаа за ѕвезди во подем на италијанската политика. Застанувајќи крај Берлускони тие навистина се издигнаа, но ѕвездата на тајкунот ги засени нивните. Тие се чувствуваа како немоќни акционери од малцинствата. Во 2008 година Касини се оддели од Берлускони. Гласањето за доверба, кое штотуку се случи, го финализираше разводот на Берлускони од лидерот на италијанската десница, Фини. Берлускони смета дека е привлечен за неговиот единствен преостанат партнер: Северната лига, која е во зенитот на популарност (иако нејзиниот лидер, Умберто Боси е тешко болен). Не е изненадување што Северната лига бара нови избори на пролет, додека Берлускони би преферирал да се прошири мнозинството на владата со враќање на Касини.
Моќта на Берлускони, иако силна, е мошне спорна. На меѓународната сцена, американските дипломатски документи објавени на „Викиликс“ ги нагласија американските сомневања за Италија, кои не се ограничени само на врските на таа земја - премногу блиски според американскиот Стејт департмент - со Русија на Путин, Либија и со Иран. Она што веројатно е највпечатливо за англосаксонската културна парадигма е храброста на Берлускони во неговата употреба на власт - не само кога се справува со млади и привлечни жени, туку, пред се', кога ги унапредува интересите на своите компании наспроти оние на конкурентите. Берлускони смета дека неговата „комерцијална дипломатија“ е опасно одбранбено оружје, што може да помогне да се објасни зошто тој не е премногу загрижен како се сфатени неговите акции во таа област на меѓународниот фронт. Тој не е премногу загрижен за домашната сцена, бидејќи опонентите се длабоко поделени. Наместо тоа, загриженоста на Берлускони е повеќе поврзана со можна кривична пресуда од Уставен суд за обвиненија за корупција, и сродната забрана за вршење јавна функција. Тоа е причината зошто, доколку се одржат нови избори, Берлускони би можел да ги претвори во личен референдум.
Министерот за финансии, Џулио Тремонти, е безбедна личност за фискалната политика на земјата, а, сепак, владата не беше во можност да го заживее економскиот развој. Од друга страна, пак, избувнаа социјални безредија, со насилнички протести на студентите, а радикалните синдикални фракции поттикнуваат вознемиреност - како што предизвикуваат заканите врз официјални претставници и на синдикатите и на здруженијата на вработени.
Работите би можеле да се влошат во 2011 година, бидејќи поголемата невработеност ја намалува потрошувачката на домаќинствата. И покрај загриженоста, Италија знае како да се справи со економската криза. Но, дали ќе може да се справи со зовриена политичка криза? Одговорот ќе биде парадоксален како и италијанската политика: привремено дефинитивно.
(Авторот е главен и одговорен уредник на месечното списание „Формиче“ и беше портпарол на Католичката партија УДЦ и советник за комуникации во Советот на министри во третата влада на Силвио Берлускони. Пишува за „Проект синдикејт“. Утрински весник“ е дел од„Проект синдикејт“.) |