Фељтон
Колку УДБ-а беше нашата судба (9)
Кодошите - гнасна војска на власта
„Треба јавно да се кажат имињата на кодошите за никогаш да не ни се повтори тоа“, вели охридскиот професор во пензија, д-р Стојан Ристески
Виктор Цветаноски
Д-р Стојан Ристески од Охрид бил кодошен од негови колеги - професори од охридската гимназија, но и од луѓе однадвор, а неговото досие бр. 2771 го формирал првиот комшија, Благоја Азески, кој најпрво работел како инспектор, а потоа и како началник на СВР на Охрид. Иако Ристески добро го познавал, сепак, тој информациите што му ги доставувале информаторите ги земал здраво за готово и не направил ништо да се спречи валкањето на образот на чесниот охридски професор.
Кодошењето започнало, како што вели Ристески, поради љубомората на тогашниот директор на гимназијата, Стојмир Ристески, кој се загрижил за своето место и започнал подземни игри против него. Младиот професор брзо напредувал во науката, објавил повеќе публикации од македонското минато, а тоа не му одело во прилог на болно амбициозниот директор.
„На организаторите на кодошите им дадов повеќе поводи: иницијатор и носител на акцијата за уредување на заедничката гробница на кадиноселските херои; иницијатор за споменикот на загинатите за слобода на Македонија во Илинден и НОБ во село Велгошти; иницијатор и носител на зафатите за подигнување на спомен-бистите на илинденските револуционери Методија Патчев и Христо Узунов во Охрид, па објавив повеќе написи за настани и личности во илинденскиот период и НОБ не по желба на локалните моќници. И моите јавни настапувања во средината не им одговараа зашто претходно не одев кај нив на ’аудиција‘. Тоа беше моето ’зло‘, мојот ’национализам‘“, објаснува Ристески.
Во досието на охридскиот професор во пензија стои дека „...пател од претеран национализам, особено кон учениците од албанската и од турската народност“. Ристески вели дека тоа е валкана измислица од кодошите. Додека предавал во гимназијата кај него учеле десетина ученици Албанци и Турци, и дека и денес има добри односи со нивните родители, освен со еден. „Ако сум имал негативен став кон Срби, Црногорци, Албанци, Турци, Роми, Муслимани и други, дали ќе одев на работа како професор на факултетите во Приштина и во Ниш, а пред тоа за мојата докторска подобност да решава Наставно-научниот совет на Филозофскиот факултет во Нови Сад и да бранам докторска дисертација пред Србин, Словенец и Македонец?!“, прашува д-р Ристески, повлекувајќи дека шесте години работење во Приштина се неговите најдобри години. Тој притоа додава дека кодошите и стручните обработувачи за некого да го дисквалификуваат и да го испратат во „Идризово“ го употребувале во тоа време најмоќното оружје - „омраза кон другите националности“ и „националист“
Д-р Ристески раскажува за некои непријатни нешта што ги доживеал додека бил професор во охридската гимназија. Во неговиот клас учела и ќерката на тогашниот секретар на Општинскиот комитет, Бранко Бунташески, кон која вели дека бил попустлив и имал посебни симпатии поради тоа што боледувала. Често и' давал повисоки оценки од тие што ги заслужувала. Еднаш и ставил двојка, иако не знаела ништо, по што бил повикан на рапорт кај директорот. По силните притисоци што биле вршени врз него да и' даде одлична оценка, побарал да не предава во тој клас, но наместо тоа, на ќерката на секретарот на партијата и' овозможиле на крајот на годината да полага кај друг професор кај кого покажала „феноменално“ знаење и била оценета со највисока оценка.
„Директорот на гимназијата отиде дотаму и мојот дом да ми го прави пекол. Неколкупати ја среќавал мојата сопруга и ’добронамерно и пријателски‘ и велел: ’Оној, твојон, со неговиот национализам ќе ве упропасти сите дома. Му кажувам, ама не ме слуша. Речи му да престане...‘ И ела сега убеди ја сопругата дека сето тоа го измислува тој и го пласира. Таа потресена за мене и за нашите деца само ме проколнува во децата, ме моли да не го упропастам семејството“, се сеќава Ристески на тешкотиите што му биле создавани во тоа време за да го дискредитираат.
Охридскиот професор со нескриен револт вели дека кодошите и полтроните се ѓубре на кое расте сето зло на овој свет, гнасна војска на власта. Во книгата „Моите кодоши“ тој ги опишува со следните зборови: „Поимот кодош во речниците се толкува како: предавник, јуда, шпион, клеветник, поткажувач, доушник... Кодошот не ја пренесува вистината, туку ја извртува, ја конструира, ја измислува. Тоа го прави подмолно, зад грбот на кодошениот и на другите, го кажува на доверлив начин во поверлива средина или на индивидуа, а на кодошениот му се прикажува близок. Народот го именува кодошот со најпогрдни пејоративи“, објаснува Ристески.
Во книгата ги споменува имињата на сите оние што го кодошеле, а се спомнати во неговото досие. Трајан Старкоски со години доаѓал на родителски средби кај него, бидејќи му бил класен раководител на неговиот син. Често го среќавал на симпозиуми и на други манифестации за да им пренесе на службите што се случувало таму. Кога Ристески еднаш го прашал зошто е заинтересиран за работи што не ги разбирал, Старкоски му предложил неговата работа да ја врши тој. Оттогаш Ристески не се појавувал на ниту еден симпозиуми или друг собир ако не бил поканет да учествува со свој труд.
Професорот Ристески бил шпиониран и од Трајан Ангелески, соселанец на директорот на гимназијата, од некој Тони, Иван, Урош, Веруш и други што воопшти не ги познавал. „Кодошката Поликсена Коцарева, сега Димониева, преку ноќ дојде на работа во гимназијата, без никаков оглас или конкурс. Тогаш бев претседател на Советот на работната организација. Требаше да знам, но директорот ми рече дека имал ургенција. Доволно ми беше да дознаам кој стои зад нејзиното вработување. Поради тоа и поради нејзината арогантност од неа бев понастрана. Набргу беше поставена за принуден директор на Градската библиотека. Повторно се врати во гимназијата. Кога зборува, мислиш е ангелска душа, ама еве документ оти била кодошка од најдолен вид. Сега зборува се' најлошо за ’поранешните‘“, вели Ристески.
Тој посебно го потенцира и името на Ѓоко Арнаудовски, кој заедно со Ристески учел во Учителската школа во Битола и кој самоиницијативно отишол да ги информира службите за „опасноста“ што и' се заканува на државата од младиот професор. „ Ѓоко, секогаш насмеан, срдечен, а еве ти го мој кодош и тоа тогаш кога бил директор на ЦОУ ’Климент Охридски‘ - Охрид. Од каде друга причина, освен да ми наштети во хајката што се води против мене што ја презедоа моќниците. Сега ми станува јасно како напредувал во положаите“, подвлекува Ристевски.
Службата за безбедност користела различни начини да се' доближи до човекот за кого сметала дека е „опасен“ за државата. За да ја испровоцира жртвата да каже или да направи нешто што не било во духот на комунизмот, ќе му испратела кодош, кој најчесто се претставувал пред јавноста дека е против поредокот. Ристески раскажува дека еднаш му испратиле некој охриѓанец, кој како што пишувало во досието, бил вмровец, ама бил нивни со задача да го испровоцира. Додека заедно минувале низ една населба во градот забележале како муслимански верници ја поправаат разурнатата џамија. Тогаш кодошот му вели на Ристески за да види како ќе реагира: „Оваа минарево ќе треба да го кренеме во воздух, на Охрид не му требаат вакви работи“. „Зошто, му рекол професорот, луѓето треба да си имаат своја џамија во која ќе се молат, како што ние имаме цркви. Собирале пари, а ние сега да им ја уриваме“. Откако кодошот видел дека намерата не му успеала, престанал да контактира со Ристески.
Охридскиот професор кога ја пишувал книгата за неговото досие, некои пријатели го советувале да не ги споменува имињата на кодошите поради тоа што не било тоа згодно за нивните семејства, за нивните деца, кои не биле виновни за однесувањето на сопствените родители. Ристески не ги послушал, сметајќи дека кодошите го заслужувале тоа, бидејќи во времето на социјализмот уживале многу привилегии и успесите ги постигнале газејќи врз туѓата среќа. „Зошто не се запрашале тогаш како им било на ’обработуваните’, на нивните фамилии, кои со децении биле покажувани со прст... Тоа што поминало никој не може да го измени, но од тоа многу може да се научи. Потомците на кодошите треба да им се лутат на своите и да не бидат како нив“, нагласува Ристески.
Една од причините што го натерала јавно да ги каже нивните имиња бил и фактот што досието било полно со измислици, лаги и клевети, дури и непристојности. „Ако од изнесените гнасотии не се срамел режимот да го формира досието, зошто јас да се срамам. Моите и другите нека видат како сум бил третиран само затоа што сум ја сакал вистината и татковината, што постојано сум бил со книга в раце, што сум осветлил многу славни ликови од македонското минато, што сум обелоденил многу неправди и злосторства, што не сум мислел со туѓа глава и чесно сум го заработувал лебот“, заклучува професор д-р Стојан Ристески. |