Аеродромите ќе почекаат на ТАВ
Продолжувањето на рокот е поради глобалната финансиска криза која го погодува и турскиот инвеститор
Сања Наумовска
Турски ТАВ ќе ги преземе македонските аеродроми на 30 август идната година, одлучи Владата на последната седница по барање од компанијата. Продолжувањето на рокот за влегување во сила на договорот за концесија е поради глобалната финансиска криза која го погодува и турскиот инвеститор. Концесионирањето, според договорот склучен во септември, требаше да започне на 24 декември годинава.
Одговорните во „ТАВ Македонија“ вчера не сакаа да го коментираат барањето и решението на Владата.
Во Министерството за транспорт и врски, образложувајќи ја одлуката на Владата, велат дека не стравуваат оти пролонгирањето на договорот за осум месеци може да значи и откажување на ТАВ. За нив е разбирливо барањето на турската компанија, со оглед на светските финансиски состојби, во кои е тешко да се обезбедат потребните кредити за започнувањето на инвестициите во македонските аеродроми „Александар Велики“ во Скопје, „Св. апостол Павле“ во Охрид и новиот карго-аеродром во Штип.
„Како резултат на светската финансиска криза, банките не се во можност да издаваат кредити со поголеми износи од над 100 милиони евра, со кои би се реализирале веќе постигнатите договори. Очекуваме до мај идната година да се релаксира светската финансиска криза и затоа го пролонгираме рокот за стапување во сила на договорот за 30 август“, изјави вчера министерот за транспорт и врски, Миле Јанкиески.
Во Министерството образложуваат дека со оглед на големината на инвестицијата од 200 милиони евра, која треба да ја обезбеди ТАВ, и поради актуелните економски услови, Владата проценила дека треба да излезе во пресрет на барањето на турската компанија. Јанакиески тврди дека турски ТАВ настапил сериозно кон проектот за модернизација и изградба на аеродромите во Македонија.
„ТАВ ги достави главниот проект за аеродромот, ги даде сите банкарски гаранции, документи и изјави и со тоа ја искажуваат својата сериозност. Од друга страна, и тие и ние сме свесни дека на пазарот нема воопшто од каде да се обезбеди кредит за да се почне со изградба на аеродромите“, истакна Јанакиески и додаде оти очекува од септември интензивно да почне изградбата на аеродромите.
Министерот информираше дека експропријацијата на спорните делови од земјиштето што е опфатено со концесискиот договор не е една од причините за пролонгирањето на роковите. Процесот во Охрид и Скопје е завршен, а останува да се реши експропријацијата во Штип.
Турскиот концесионер треба од септември идната година, во рок од 20 месеци да ги заврши предвидените инвестиции на скопскиот аеродром „Александар Велики“, за 12 месеци на охридскиот „Св.апостол Павле“. Во рок од три години треба да се изгради и третиот, карго- аеродромот во Штип.
Според планот, предвидено е на скопскиот аеродром „Александар Велики“ да се изгради нова терминална зграда, да се продолжи полетно-слетната патека што ќе овозможи полетување и слетување на сите типови авиони, да се изгради паркинг за автомобили, пристапен пат заедно со изградба на нова клучка, инсталирање на системите за земска навигација, да се догради административната зграда како и да се инвестира во нов карго- терминал, противпожарна станица и паркинг за воздухоплови. На аеродромот „Св.апостол Павле“ во Охрид, ќе се реконструираат административна зграда и постојниот паркинг и ќе се градат ВИП-објект и пречистителна станица.
|