Поголемиот дел од изборите беа мирни
Информациите за инцидентите не ги нарушија изборите, излезот беше поголем од очекуваниот
Во поголемиот дел од скопските изборни места гласањето помина мирно. Исклучок беа средините со албанско население каде што гласањето започна со сериозни инциденти и оружени напади, по што во дел од избирачките места гласањето беше прекинато. Сепак, на скопските улици, пред се' на гласачките места од левата страна на Вардар, но и низ центарот на градот беше забележливо присуството на полицијата.
Возилата пред кои стоеја полициските „алфи“ беа вообичаен декор, но обиколката на изборните места покажа дека скопјани вчера масовно го користеа своето граѓанско право, но и обврска да гласаат за опцијата на која и' веруваат.
Како никогаш досега, полицијата беше забележлива во секое избирачко место, што не беше случај на минатите парламентарни избори. На излезноста, до заклучувањето на весникот, не влијаеја информациите за инцидентите и за изборните нерегуларности во средините со доминантно албанско население.
Во изборачкиот пункт во ОУ „Војдан Чернодрински“, во изборната единица 2600 во населбата Тафталиџе, пред 16 часот евидентирана е излезност од околу 50 насто, процент, што говори за многу помасовен одзив отколку пред две години. Избирачките одбори немаа никакви забелешки на текот на изборите, се' течеше во најдобар ред, а вториот бран гласачи се очекуваше по 17 часот.
Во Шуто Оризари, во Основното училиште „26 Јули“ специјалните единици на „алфите“ стоеја на улицата, а униформираните полицајци речиси беа во сите ходници и имаше помал број гласачи. Иако имаа организиран превоз, со комбиња ги носеа од дома до гласачкото место, излезноста се движеше меѓу 20 и 30 насто.
Во изборното место 2062, како што ни рече Ѓорѓи Баевски, претседател на Избирачкиот одбор, до раните попладневни часови своето гласачко право го искористија меѓу 20 и 30 насто од граѓаните.
Во Третата и Четвртата изборна единица изборите поминаа во мирна и демократска атмосфера, без посериозни проблеми и со просечна излезност.
Изборите во Третата изборна единица, која брои 288.518 избирачи, до 14 часот се одвиваа во исклучително мирна и коректна атмосфера. Не беше забележан инцидент, а излезноста беше просечна. Од Општинскиот изборен штаб во Штип добивме информација дека на ниво на цела изборна единица излезноста до 14 часот била 32 проценти, а само во Штип излезноста била за два процента повеќе.
„Задоволни сме од одѕивот, а уште повеќе од однесувањето на граѓаните на овие предвремени парламентарни избори. Од сите избирачки места добивавме информации за мошне коректниот однос на граѓаните. Сите избирачки места беа навреме отворени, немаше проблеми со изборниот материјал, никој не правеше проблеми. Искуството од минатите избори дава гаранција дека до 19 часот ќе имаме излезност од близу 70 проценти“, вели Лазо Богатинов, претседател на ОИК-Штип.
Во фер и демократска атмосфера, без какви било проблеми или инциденти се одвиваше изборниот процес на 132 избирачки места во Прилеп, каде што за 10 кандидатски листи за пратеници гласаат 67.386 избирачи. Иста беше состојбата и во соседната, рурална општина Кривогаштани.
„Нема никакви забелешки. Изборниот процес тече без проблеми и инциденти“, изјави Зоран Илиески, од граѓанската асоцијација „Мост“ која со 315 посматрач го набљудуваше гласањето во поширокиот регион.
Повеќе од 35 отсто од запишаните вкупно 48.573 избирачи од Општина Струмица излегле на гласање вчера до 15 часот на 77 гласачки места. Според информациите од ОИК - Струмица, изборите до тој период од денот поминале без проблеми, мирно, во фер и демократска атмосфера. Не бил забележан ниту еден инцидент.
На неколку избирачки места се појавиле проблеми при идентификацијата на граѓаните кои поседувале исправи за идентификација со истечен рок на траење и постари. Проблемите се решавале на самото место. Во најголем број случаи избирачките одбори им дозволувале на тие лица да гласаат со согласност на сите членови на избирачките одбори и по утврдување на нивниот идентитет. (Екипа на „Утрински весник“) |