Што вели МВР за инцидентите
Во Арачиново загина Насер Ајвази, кој пукал во полицијата, а во Чаир се повредени петмина случајни минувачи
Едно лице загина, а осуммина се повредени во два сериозни инциденти кои се случија вчераутро во скопско Арачиново и во дворот на ОУ „Даме Груев“ во населбата Чаир. Полицијата потврди дека овие два инцидента биле најсериозни во вчерашниот изборен ден, иако биле заблежани уште неколку нарушувања на изборниот процес.
Според МВР, инцидентот во Арачиново почнал кога претседателот на Изборниот одбор во селото Грушино побарал од командирот на ПС „Арачиново“ да испрати полициска екипа, бидејќи шест вооружени лица го попречувале гласачкиот процес. Вооружените се појавиле откако на еден од селаните не му било дозволено да гласа за целото семејство. Полицајците се упатиле кон Грушино, но пред влезот во селото нашле две оставени возила „форд транзит“ и „ауди 80“, во кои имало автоматска пушка, бомба, полуавтоматска пушка и повеќе рамки со муниција. Полицајците повикале дополнителен тим да извршат увид на возилата. Но, полициското засилување на излезот од Арачиново било блокирано од четири автомобили, три „голфа“ и еден „мерцедес“.
„Лицата од возилата отвориле оган кон полицијата, која возвратила. Во престрелката биле повредени неколку лица, а другите се разбегале во околните куќи“, информираше Иво Котевски од МВР.
Притоа тешко ранет бил Насер Ајвази (40), кој подоцна бил пронајден во една од куќите. Тој им подлегнал на повредите на пат кон болница. Во престрелката биле повредени уште двајца од напаѓачите.
Кога полициските тимови го пребарувале селото, врз нив повторно било пукано со тешко оружје - митралези и автоматски пушки.
Во акцијата се приведени деветмина, за кои МВР се сомнева дека учествувале во нападот на полицајците или пак биле сведоци. Запленети се и четири возила, кои се однесени на вештачење. При прегледот на автомобилите се најдени две автоматски пушки, пиштол, „кашикара“ и големо количество муниција.
Вториот крвав инцидент се случи во Чаир во 9,10 часот, каде што се повредени петмина граѓани, кои дошле да гласаат, како и двајца учесници во престрелката. Повредените минувачи, Т.С. (74), Р.С. (75), И.К. (66), Х.Ш. (69) и И.Н. (70) со прострелни рани во рацете беа хоспитализирани во Градската болница. Една жена била полесно повредена, откако во мешаницата при престрелката била турната на земја.
Како што соопшти МВР, вооружената престрелка во училишниот двор ја предизвикале Бушат и Бекир Асани, кој со тешки повреди е примен во Градската болница.
„Дваесет и тригодишниот пациент е ранет во стомакот. Однесен е на операција, каде што е констатирано дека има повреди на тенкото и дебелото црево. Неговиот живот е во опасност“, изјави директорот на Градската болница, д-р Виктор Камиловски.
Според МВР, на тимот што тргнал да им помогне на колегите во Чаир, бил отворен оган од седиштето на Демократската унија за интеграција. Како што нагласи Котевски, полицијата во текот на вчерашниот ден презеде мерки за пронаоѓање и приведување на напаѓачите. (Ј.К.) |