Вонредните избори во Македонија ја зедоа првата жртва
Изборниот ден почна крваво, со пукотници, падна една жртва во Арачиново, повредени се осуммина во скопски Чаир
Оливера Војновска
Вонредните парламентарни избори во Македонија ја зедоа првата жртва. Во скопско Арачиново вчера загина едно лице, а повеќемина се повредени во инцидентите што се случија уште во Чаир и на неколку гласачки места во Тетовско, Гостиварско и во Куманово. Изборниот ден почна крваво со насилство и пукотници, ечеа "калашникови" во средините со доминантно албанско население. Токму поради низата неправилности и насилството, голем дел од избирачките места беа затворени, а граѓанската асоцијација "Мост" повлече дел од набљудувачите.
Упадната вооружена група на гласачко место, пукано на избирачко место, прекинато гласање, украдени гласачки ливчиња, искршена гласачка кутија, семејно гласање, заплашување, бркање набљудувачи, е сликата за изборите што вчера му ја испративме на светот, независно што тоа се случуваше само на еден дел од територијата на Македонија.
Во селото Топлица, општина Врапчиште, уште околу 3 часот била активирана експлозивна направа пред кафе-слаткарницата "Арка-крок", сместена во селската џамија. Избирачкото место 1.000 во Музичкото училиште "Панче Пешев" во Куманово вчера беше затворено од страна на Општинската изборна комисија откако четири лица од албанска националност со автоматска пушка влегле на гласачкото место и ги полнеле избирачките кутии.
Апел до политичките партии во Македонија да се воздржат од вооружени инциденти вчера од Тирана упати албанскиот претседател Бамир Топи.
За жал, до политичките елити на Албанците не допреа предупредувањата на претставниците од меѓународната заедница да нема насилство на изборите. Бадијала странците им закачија беџови на лидерите на партиите со слоганот: "Можеме и мораме - фер избори". Не помогнаа ниту повиците од шефот на државата Бранко Црвенковски изборите да немаат ниту една дамка. На Македонија веќе и' е направена огромна штета.
Странските медиуми уште во првите извештаи за изборите објавија лоши вести и песимистички прогнози. "Парламентарните избори во Македонија водат кон хаос по инцидентите во кои едно лице загина, а неколкумина се повредени во престрелки кои се случија во подрачја населени главно со Албанци. По инцидентите запреа изборните активности во овие подрачја", објави Ројтерс. За изборните инциденти јави и Би--Си: "Неколку престрелки, од кои две во албанското село Арачиново, каде што едно лице е убиено, а неколку повредени откако полицијата се судри со напаѓачи".
Дел од медиумите вчера јавија дека лидерот на ДУИ, Али Ахмети, по инцидентот во Арачиново обвинил дека се врши терор врз избирачите и се попречува процесот на слободното гласање. Врвот на ДУИ вчера беше во постојано заседание, а во текот на денот проструи веста дека интегративците ќе се повлечат од изборниот процес. За доцна попладнето беше најавена и вонредна прес-конференција.
Наспроти проблематичното гласање во спомнатите средини, во другите општини во државата изборите поминаа во еден сосема поинаков амбиент. Според општинските изборни комисии, не се евидентирани нарушувања на изборниот процес и какви било нерегуларности. Во главниот град улиците беа полни со луѓе, забележителна раздвижност и првиот впечаток беше како сите патишта на скопјани да водат кон Градскиот парк, Водно или Сарај. Уште рано утрото, веднаш по отворањето на гласачките кутии во Скопје, први на гласање се појавија пензионерите и тоа речиси сите без исклучок дотерани, веројатно затоа што изборите ги доживуваат како свечен чин.
Според официјалните информации на Државната изборна комисија, до 13 часот гласале вкупно 393.861 лице или 28,18 отсто од вкупниот број избирачи. ДИК ги осуди инцидентите, а нејзиниот претседател Јован Јосифовски апелираше да престане насилството за да се овозможи фер и демократско гласање. |