ДУИ побара прегласување, ДПА славеше со зурли и пукање
Тетово - ДУИ не ги признава изборните резултати и бара прегласување во општините Тетово, Боговиње, Желино, Брвеница, Јегуновце, Теарце и Сарај. Ова на вчерашната прес-конференција го истакна шефот на Изборниот штаб на партијата, Изет Меџити. „Во текот на вчерашниот ден бандите на ДПА, предводени од паралелните структури на полицијата, вршеа терор и го нарушуваа изборниот процес, се закануваа на изборните комисии, овластените претставници на ДУИ, членовите на ДУИ и насилно ги полнеа гласачките кутии“, рече Меџити.
Синоќа, малку по 21 часот кон плоштадот во Тетово почнаа да пристигнуваат возила од сите страни, а од многу од нив можеше да се слушнат истрели од пиштоли, автоматски пушки, но и пософистицирани оружја. Се пукаше на плоштадот од повеќе страни. Атмосферата ја надополнуваше и музика со тапани и зурли.
Во неколку наврати за да се смири атмосферата, особено силните и рафални пукотници, официјалниот спикер побара присутните кои од миг во миг беа се' помногубројни да не употребуваат оружје, што многу не влијаеше во изливот на радоста за победата.Се пукаше до доцна во ноќта. (Г.Е.) |