Надал и Звонарева надмоќни во Индијан Велс
Индијан Велс. Рафаел Надал и Вера Звонарева се победници на силниот турнир од Мастерс серијата 1.000 во Индијан Велс.
До 13 Мастерс титула во кариерата Шпанецот стигна полесно одошто се очекуваше. Во финалето на 4,5 милиони американски долари вредниот турнир тој го декласира четвртиот носител, Енди Мареј со 6:1, 6:2 за што му беа потребни 80 минути. Надал доминираше во текот на целиот меч и во ниту еден момент не му дозволи на противникот да се врати во игра. Во првиот сет ги освои сервисите на Мареј во четвртиот и шестиот гем и во воведниот сет славеше со 6:1. Во вториот сет, најдобриот светски тенисер во моментот, направи брејкови во петтиот и седмиот гем и мирно го приведе финалето кон крај.
Надал ја извојува шестата победа во осумте досегашни пресметки со Мареј. По триумфот над Федерер, Шкотланѓанецот се надеваше на добра партија и резултат и против Шпанецот бидејќи победи во двата последни меча против него, но Надал овојпат не дозволи изненадување.
За Надал ова е 33 турнирска победа во кариерата, втора оваа година по Австралија опен.
Во женското финале во Индијан Велс триумф на Вера Звонарева која ја порази петтата носителка и поранешна најдобра светска тенисерка, Ана Ивановиќ со 7:6, 6:2. За Русинката ова е деветти ВТА трофеј во кариерата, втор во 2009 година. Ивановиќ, пак, не успеа да ја одбрани титулата, а главна причина за тоа се 46 неизнудени грешки на Србинката во двата сета.
Финале, мажи: Надал (1., Шпанија) - Мареј (4., Шкотска) 6:1, 6:2
Финале, жени: Звонарева (Русија) - Ивановиќ (5., Србија) 7:6, 6:2 |