Џенова гази кон Лигата на шампионите
Џенова ги продолжи надежите за пласман на четвртата позиција која води во квалификациите за Лигата на шампионите. Одличниот состав на Џенова, дефинитивно најпријатното изненадување во Италија во оваа сезона, ја продолжува серијата добри резултати. Милито и компанија викендот како домаќини беа подобри од Удинезе со 2:0 и не само што не попуштаат под притисокот на Фиорентина и Рома туку и прикажуваат подобри партии и од „виолетовите“ и од „римската волчица“ во последно време. Творци на 14 сезонски триумф на Џенова беа Скули во 58 минута и Милито во четвртата минута од судиското продолжение.
Интер рутински го одработи дуелот со Реџина. Славеше со 3:0 и ја задржа предноста од седум бода во однос на второпласираниот Јувентус кој во саботата ја декласира Рома и тоа на „Олимпико“ со 4:1. Стрелци за „нероазурите“ викендот беа Камбијасо во шестата минута и Ибрахимовиќ од пенал во деветтата и во 58. Фиорентина ја порази Сиена со 1:0, Сампдорија славеше на гости над Торино со 3:1.
Серија А, 29. коло
Резултати: Фиорентина - Сиена 1:0, Интер - Реџина 3:0, Наполи - Милан 0:0, Лече - Аталанта 2:2, Болоња - Калјари 0:1, Киево - Палермо 1:0, Торино - Сампдорија 1:3, Џенова - Удинезе 2:0, Рома - Јувентус 1:4, Катанија - Лацио 1:0.
Табела: Интер 69, Јувентус 62, Милан 55, Џенова 51, Фиорентина 49, Рома 46, Калјари 42, Палермо 42, Лацио 41, Аталанта 40, Наполи 37, Катанија 37, Удинезе 36, Сампдорија 36, Сиена 31, Киево 30, Болоња 26, Торино 24, Лече 24, Реџина 20. |