Магдинчев на челинџер во Сараево
Лазар Магдинчев неделава по подолго време ќе се појави на турнир, и тоа на челинџерот „БХ телеком индор 2009“ во Сараево, со награден фонд од 30.000 евра, кој се игра на тврда подлога (тарафлекс) во сала. Македонскиот тениски репрезентативец ќе игра само во двојки, партнер му е Горан Тошиќ од Црна Гора, а нивни противници на стартот се Шпанецот Гилјермо Алкаиде и Италијанецот Енрико Бурѕи.
Илија Мартиноски, пак, се доближи на чекор до главниот турнир од фјучерсот во Анталија (земја, 10.000 долари), за кој синоќа требаше да го победи Германецот Себастијан Фанселов. Како 843. на АТП-листата, репрезентативецот на Македонија е трет носител во квалификациите, во кои во третото коло го елиминира Украинецот Станислав Поплавски, кој го предаде мечот при водство на Мартиноски од 4-6, 7-6 (4), 4-0.
Третото квалификациско коло беше последно за Шендрит Деари и за Стефан Мицов. Деари (1734.) загуби од петтиот носител Дејвид Рајс (876.) од Велика Британија со 2-6, 6-1, 6-3, а Мицов беше поразен од четвртиот носител Александар Цветков (862.) од Србија со 6-2, 6-0.
На најновата АТП-листа во сингл Русевски е 828. (-9), Мартиноски 843. (0), Грабулоски 1016. (+2), Магдинчев 1644. (+9) и Деари 1724. (+10). Во двојки Магдинчев сега е најдобро рангиран Македонец - 358. (+2), Русевски е 374. (-17), Мартиноски 714. (-7), Деари 1222. (-1) и Страте Крстевски 1313. (-8). (Р.Д.) |