Вардар влегува во ритам, трет пораз на Работнички
„Црвено-црните“ славеа над Силекс со 2:0, дебармаалци и натаму се единствени без освоен бод пролетва
Седми пролетен бод за фудбалерите на Вардар во македонската прва лига. Без зимски подготовки и заеднички тренинзи поради добро познатите случувања во и околу клубот во паузата меѓу двете етапи „црвено-црните“, вчера, на својот тревник го поразија Силекс со 2:0. Стрелци на головите беа Емурлаху во третата минута и Костенцоски во 65. Со овие три бода вардарци избија пред шампионот Работнички на четвртата позиција. Следува пауза во домашниот шампионат поради настапот на националниот тим во квалификациите за СП 2010 година која вардраци ќе ја искористат за неколкудневен престој во Негорски Бањи во обид да го надополнат она што го пропуштија зимава. Во следното 23 коло, прво од третиот и последен првенствен круг, екипата на Вардар ќе го пречека Напредок.
Шампионот Работнички никако да излезе од играчката и резултатска криза и се' уште е во очекување на првиот бод во продолжението од сезоната. Дебармаалци вчера доживеаја пораз и на гостувањето кај Милано со 1:0 што е трет пораз за нив во исто толку одиграни мечеви пролетва. Автор на победата на кумановци беше Алими во 72 минута од пенал. Во првото пролетно коло Работнички беше слободен по што следуваа поразите од Вардар (2:1) и Ренова (3:1) на „Филип Втори“ арената во Скопје. „Романтичарите“ во 23 коло ќе го пречекаат тимот на Пелистер. Изненадувањето го приреди Металург чии фудбалери успеаја да и' откинат бод на Ренова во Тетово играјќи 1:1. Прволигашот од Железарница поведе со голот на Баже Илијоски во 35 минута, четири минути подоцна израмни Ибраими и до крајот резултатот остана непроменет.
Лидерот Македонија Ѓорче Петров забележа уште една лесна победа во домашниот шампионат. Поради снежните наноси во Битола ѓорчепетровци му гостуваа на Пелистер во Охрид и победија со 2:0. Мечот беше решен уште во првото полувреме. Ивановски стрелаше прецизно во 24 минута, а судбината на Пелистер, кого го очекува тешка битка за зачувување на прволигашкиот статус, ��а запечати Брњарчевски во 36 минута.
И Положани повикан во репрезентациjата
Артим Положани е третиот фудбалер кој од петокот наваму е дополнително повикан во македонската фудбалска репрезентација за претстојниот дуел со Холандија во квалификациите за Светското првенство во 2010 година во Јужна Африка. Со фудбалерот на хрватскиот прволигаш, Кроација Сесвете, селекторот Среќко Катанец сака да ја засили конкуренција во средниот ред во националниот тим за дуелот со „лалињата“ на 1 април на „Амстердам“ арената.
Oд репрезентативните обврски e ослободен Петар Милошевски, кој се пожали на повреда и на негово место е повикан Јане Николоски. На Николоски и Пачовски ривал за „единицита“ на гостувањето во Холандија ќе биде и голманот на Работнички, Јорде Георгиевски. (С.Д.) |