Македонски судир за финале во БИБЛ
Денеска во 19,15 часот во Самоков ќе се одигра македонското полуфинале од фајнл-форот во Балканската лига меѓу Фени индустри и Фершпед Работнички. Тоа значи дека Македонија ќе има финалист во првата сезона на БИБЛ, а вториот финалист ќе биде подобриот од дуелот Рилски Спортист и Мега Хипо Лизинг.
И двата македонски тима се во Самоков од викендов, а според извештаите од Бугарија кавадарчани покажале поголема сериозност, затоа што веднаш по доаѓањето одржале тренинг, кој траел до полноќ.
За израмнетоста на Фени и Работнички доволно говори еднаквиот скор во домашниот шампионат - по 18 победи и два пораза. Во регуларниот дел од БИБЛ „шпедитерите“ беа малку подобри - пет победи и три порази, за разлика од Фени И. кој имаше четири победи и исто толку порази.
Карактеристично и за двата тима е тоа што успеаја да ја надокнадат негативата од првите четвртфинални дуели. Фени го порази Левски (81:62), а Работнички беше подобар од Черно Море (81:61).
Главно оружје на Емил Рајковиќ ќе биде Американецот Доналд Кол, кој е лидер на Фени со 21,3 поени по натпревар и прв скокач во тимот (5,3 скока по натпревар). Се очекува тој да има поголема помош од Талик Браун (просек 10,2 поени) и Горан Самарџиев (9,7 поени), како и од Златко Гоцевски со просечни 10 коша. Неизвесен е настапот на Прековиќ, кој има проблеми со пасошот.
Кај Фершпед Работнички дури четворица имаа двоцифрени бројки во БИБЛ. Предводник е Диме Тасовски (14,8), Огнен Стојановски (13,4), Тони Симиќ и Бојан Трајковски (12,9). „Шпедитерите“ беа и препознатливи по ударите за три поени. Во регуларниот дел од сезоната постигнаа најмногу тројки 73 во 196 обиди или 37,3 отсто, а во двата четвртфинални меча продадоа уште 16. |