Ферари самоуверен со новиот болид
Најуспешниот тим во Формула 1 му вети на Алонсо дека ќе има се' што му е потребно за титулата
Ферари го промовира својот нов болид Ф150 за претстојната сезона во Формула 1, ветувајќи му на Фернандо Алонсо дека сега ги има сите услови за повторно да ја освои титулата откако лани му избега во последната трка во Абу Даби. Италијанскиот тим, најстар во овој спорт, не можеше да се носи со подоцнежниот шампион Ред бул во почетокот од сезоната 2010, но сега уверува дека е подготвен да импресионира уште во првата годинашна трка на 13 март во Бахреин.
„Стартувавме со сигурност, ова е основата на нашата работа“, изјави вчера тимскиот шеф Стефано Доменикали откако ја откри прекривката врз болидот поставен во голем шатор крај воздушниот тунел во фабриката на Ферари во северна Италија. „Сакаме да пристигнеме на првата трка со средени сите детали. Во минатата сезона имавме тешки моменти, но и убави, па мораме повторно да почнеме од таму. Тимот е мотивиран и секогаш сака да напредува“.
Покрај веќе познатиот систем за зачувување и повторно употреба на енергијата од сопирачките, познат како КЕРС, како и новите подвижни задни крила, Ф150 има поголем нос и нацртано италијанско знаме во чест на прославата на 150-годишнината од обединувањето на земјата.
Првакот од 2005 и од 2006 година, Алонсо, кој ја изгуби ланската титула од Себастијан Фетел од Ред бул поради погрешната стратегија со пит-стопот во финалето во Абу Даби, подоцна го повози новиот болид на патеката во сопственост на Ферари заради фотографирање во промотивни цели. Првото официјално тестирање на новите гуми на „Пирели“ за сезонава е закажано за вторник во Валенсија.
Претседателот на Ферари, Лука ди Монтеѕемоло, гордо се смешкаше за време на гламурозната свечена церемонија, исто како и вториот возач Фелипе Маса, решен да се подобри по очајната ланска сезона. Меѓу присутните беа и Серџо Маркионе, извршен директор на „Фиат“ и сопственик на контролниот пакет акции во „Ферари“, како и првиот човек на империјата на Ањели, Џон Елкан, со надеж дека ќе бидат сведоци на почетокот на една триумфална година за Италија и за нејзиниот тим во Формула 1. |