Норвешка деветта, Германија на 11. место
И двете селекции подобри по продолженијата на мечевите за пласман на СП за ракометари
Норвешка го освои деветтото место, а Германија заврши 11. на 22. Светско првенство за ракометари во Шведска откако и двете репрезентации ги добија натпреварите за пласман дури по продолженијата. „Рибарите“ по 70 минути игра ја совладаа Србија со 32:31 откако мечот во основниот дел заврши 29:29, а на „панцерите“ им беа потребни десет минути повеќе за слават против Аргентина со 40:35. Средбата по регуларните 60 минути финишира со резултат 27:27, а по првите две продолженија беше 31:31.
Утешната победа, сепак, не ги спаси Германците од нивниот најлош пласман во последните 73 години. Четвртиот пораз во низа по импресивниот настап во прелиминарната фаза, пак, за „гаучосите“ се' уште значи најголем успех во нивната ракометна историја.
Норвежаните рано наметнаа иницијатива против Србите, но тие возвратија во вториот дел од првото полувреме, кое го добија со 16:14. Скандинавците израмнија (23:23) дури во 48 минута, а со гол во самиот финиш си обезбедија доигрување, кое не донесе многу голови и во кое беа посреќни од противникот.
Дуелот меѓу Германија и Аргентина донесе вистинска војна на теренот во Кристијанстад, каде што шведската судиска двојка досуди дури 23 исклучувања, а подели и четири црвени картони. По израмнетиот почеток, Германците се одлепија на 11:6 во 24 мин., но Јужноамериканците ги збија редовите и на паузата заминаа со минимална негатива (12:13), а по 40-тина минути игра на семафорот стоеше 17:17. Повторно избраниците на Хајнер Бранд беа тие што повлекоа нога и поведоа со 23:19 во 51 мин., но четири секунди пред крајот Давид Симонет го одведе мечот во екстра период. Во него Аргентина го искористи вишокот од двајца играчи и поведе со 29:27, но светскиот првак од 2007 година израмни на 31:31 и се избори за ново разигрување од десет минути. Тогаш фаворитот стигна до решавачката предност од 36:33 во 77 мин. и успешно ја приведе средбата кон крај.
Победниците од синоќешните полуфинални пресметки Шведска - Франција и Данска - Шпанија в недела од 17 ч. во Малме ќе играат за титулата, а поразените од 14,30 ч. за бронзениот медал. |