Свеста на тест!
Во „Борис Трајковски“ се игра 104. дерби меѓу МЗТ и Работнички. Сите посакуваат фер-плеј и на теренот и на трибините
Наум Котевски
Денеска најрепрезентативниот спортски објект „Борис Трајковски“ по втор пат ќе биде домаќин на пресметката меѓу лутите ривали МЗТ Скопје и Работнички. Првиот нивни дуел заврши со победа на „штрковите“ од 62:60, но за жал никој не зборуваше за играта туку за дивеењето на навивачите на двата тима. Тие инциденти практично беа причината што Македонската кошаркарска федерација реши да каже стоп за гостинските навивачи.
Но, ете сега МКФ, оправдано или не, е во еден дефанзивен став. Нејзината подадена рака на најзагреаните фанови за фер и коректен натпревар многумина ја разбираат како последен тест за целокупната свест. На фер плеј апелираат и кошаркарите на двата тима.
„Сакаме спортскиот однос од теренот да се преслика и на трибините“, изјавија кошаркарот кој е најнавредуван од навивачите на двата тима, центарот на Работнички, Тони Симиќ (еден од оние кои го имаат носено дресот на двата клуба), како и плејмејкерот Јане Петровски.
Неговиот тим МЗТ во соработка со МКФ и полицијата ги презеде сите неопходни мерки за зголемување на безбедноста. Една од нив е времето на одигрување на мечот - 16 часот.
Инаку, и двата тима неколку дена тренираа во „Борис Трајковски“ со цел да се адаптираат на условите што дефинитивно се поразлични од нивните сали.
„Лесно им е таму, си ги знаат кошевите“, во шега знаат да кажат навивачите. За разлика од првиот нивни меч сега тимовите се кадарно реновирани. Кај МЗТ ќе настапи довчерашниот член на Работнички Златко Гоцевски, како и Србинот Теодосиќ, додека кај Работнички (пред Гоцевски замина и Ристе Стефанов) дојдоа црномурестиот Вер и Божиќ.
И двајцата тренери, оној на МЗТ Александар Петровиќ, и оној на Работнички Марјан Србиновски, се оптимисти дека нивниот тим денеска ќе го добие 104. градско дерби. Досега сопственикот на 14. титули Работнички има 69 победи, додека МЗТ Скопје, кој на својата прва титула чека 20 години има 34 триумфи.
Во продажба беа пуштени 6.200 влезници. МЗТ Скопје на Работнички му предаде околу 2.000, колку што всушност доби од него за првиот натпревар како гостин во „Борис Трајковски“. Цената за членовите на навивачките групи е 50 денари, а за останатите е 100 денари. |