Њујорк славеше против Мајами
Лошата шутерска вечер на Леброн Џејмс, но и одлично одиграната последна четвртина, го лансираа Њујорк до победа од 93:88 против Мајами во нивниот легендарен „Медисон сквер гарден“.
Три четвртини Њујорк каскаше зад извиканиот тим од Флорида, а во последната влегоа со минус од 9 коша (64:73), но тогаш, конечно, Амар Стадемаер доби помош од Данило Галијани и Лендри Филдс. Њујорк последниот дел го заврши со резултат 29:15 и славеше втор пат едноподруго по црната серија од шест порази. Мајами пак, загуби петти пат во последните шест дуели, а повторно играше без Крис Бош кој ја влече повредата на левиот зглоб, но во составот се врати Двејн Вејд кој последните денови имаше проблеми со мигрената, поради што во Њујорк заигра со очила.
Тие не му пречеа во поголемиот дел од играта (34 коша, 16 скока), но во последната четвртина ги промаши сите седум шута. Леброн Џејмс пак, погоди 24 коша, но со мизерен шут 7/24 (0-2 за тројка). Победниците ги предводеше Стадемаер со 24 коша и осум скока, Галијани додаде 20, а Филдс 19 плус 14 скока.
Бостон турнејата низ западниот брег ја започна со победа против Портланд (88:78). Најдобриот состав на Источната конференција го предводеа Реј Ален со 18 и Пол Пирс со 17 коша, за седма победа во осмиот меч.
Далас во првото полувреме против Хјустон имаше предност од 25 коша, но на крајот мораше добро да се намачи за да стигне до победа (111:106). Тајсон Чендлер го израмни својот најдобар скор во сезоната со 21 кош и 15 скока, а Дирк Новицки постигна 18. Кај Хјустон вообичаено најдобар беше сјајниот Луис Скола со 30 коша.
Резултати: Њујорк - Мајами 93:88, Далас - Хјустон 111:106, Портланд - Бостон 78:88. |