Денес во Скопје: Работнички - Пелистер
Денес во Скопје ќе се одиграат двете полуфинални реванш средби за Купот на Македонија. На арената „Филип Втори“ играат Работнички и Пелистер, на стадионот во Железарница Скопје-Тетекс.
И двете средби го привлекуваат вниманието на љубителите на фудбалот. Во првата средба Пелистер го победи Работнички со 1:0 и ќе се обиде да ја зачува минималната предност, од друга страна за „романтичарите“ средбата со битолскиот тим е последна шанса да игра во финалето на Купот и да освои барем еден трофеј во годинашнава не многу успешна сезона за нив.
И Пелистер ја гледа својата шанса да го освои Купот, бидејќи тоа ќе му биде виза за излез на европската сцена. Ако испадне, во случајот купот да го освојат Скопје или Тетекс, тогаш за пелистерци излез на европската сцена ќе остане само пуста желба. Единствено решение за нив е да го освојат Купот или пак купот да му припадне на Работнички. Тогаш, како четвртопласиран тим во првенството ќе играат во квалификациите за Евро лигата. Да потсетиме, Работнички и Пелистер досега биле освојувачи на купот што не може да се каже за Скопје и Тетекс. Во првата средба во Тетово беше нерешено 0:0, сега играчите од Автокоманда имаат голема шанса за првпат во својата историја да играат во финалето на Купот на Македонија, со исти амбиции денешниот полуфинален меч го очекуваат и фудбалерите на Тетекс. Во секој случај ќе биде интересно на Арената Филип Втори и на стадионот Железарница. Двете средби почнуваат во 16.30 часот. Во случај на идентични резултати од првите средби ќе се играат продолженија од 2 х15 минути, ако и тогаш нема победник ќе се изведуваат пенали. (М.М.) |