Абрамович сака да се реши од Џо Кол
Газдата на Челзи нема намера и понатаму да троши 6,2 млн. фунти годишно за напаѓачот
Рускиот милијардер и сопственик на Челзи, Роман Абрамович, упати порака до сите во клубот дека нема намера повеќе да троши пари на 28-годишниот Џо Кол. Англискиот репрезентативец малку партиципираше во актуелната сезона, во која веројатно Челзи ќе ја освои титулата. Покрај повредата, Кол и додека беше здрав не успеа да се наметне кај Карло Анчелоти.
„Ослободете се од него!“, наводно кажал Абрамович.
И покрај тоа што малку игра Челзи на Кол троши 6,2 милиони фунти годишно и изгледа дека клубот е поблиску до тоа да го продаде, отколку да го задржи под тие услови.
Веќе постојат заинтересирани екипи, најавуваат англиските медиуми. Ливерпул, според нив, наскоро ќе излезе со официјална понуда за фудбалерот кој има 53 настапи за англиската репрезентација во кои постигна 10 гола.
Чави ризикува со настапот на СП
И покрај тоа што повредата на мускулот на левата нога претставува сериозна закана за настапот на светското првенство во Јужна Африка Чави Хернандез не планира да ги пропушти натпреварите на својата Барселона, која се бори со Реал М. за титулата во Примера. До крајот на шампионатот има три кола, а Каталонците имаат само бод предност, па секој кикс може да биде кобен.
„Не би сакал да се повреди, но тој најдобро си го познава своето тело и смета дека може да игра. Да не се разбереме погрешно, и јас би сакал да го гледам на СП во Јужна Африка“, вели тренерот на Барса, Пеп Гвардиола.
Нов темен облак над Бордо
Разочарувачката пролет за Бордо доби уште една темна нота - се повреди неговиот најдобар фудбалер, Јоан Горкуф.
Имено, поради повреда на бутниот мускул тој сигурно ќе ги пропушти наредните два натпревара против Ница и Сошо, а за последниот ќе одлучи лекарскиот тим. Бордо со минималната победа над Тулуза ги одржа во живот надежите за пласман во Лигата на шампиони, а Горкуф и тоа како му беше потребен во ловот на вредните бодови. |