КВИЗ
Првенство во атмосфера на фанатизам
Бенито Мусолини го виде СП како шанса да се пофали со својот фашистички режим
Светското првенство во Уругвај од 1930 година покажа дека навивачите сакаат да гледаат Мудијал, а на секои четири години да се прогласува најдобрата планетарна селекција. И покрај големиот спортски успех, второто Светско првенство се одржа во атмосфера на фанатизам. Во 1934 година фашистите во Италија беа свесни дека фудбалот може да биде моќно оружје за пропаганда. Бенито Мусолини го виде СП како шанса да се пофали со својот фашистички режим. Во тоа тој имаше голема поддршка од претседателот на Фудбалскиот сојуз на Италија, генерал Вакаро, верен симпатизер на Дуче. Иако четири години пред тоа Италија одби да учествува на првото СП, во 1934 година таа стана главен заштитник на првенството, особено кога спортските и финансиските влогови беа удвоени поради големиот политички притисок.
Интересот за Мудијалот се зголеми на глобално ниво. Во квалификациите за ова СП вкупно учествуваа 32 нации, а во самата завршница се пласираа 16 репрезентации.
Ако во 1930 година, многу европски селекции одбија да патуваат со брод неколку недели за да стигнат во Уругвај, овојпат актуелниот планетарен првак реши да не доаѓа во Европа. Уругвај не дојде на „чизмата“ да го брани трофејот што значеше дека светот ќе добие нов фудбалски владетел. Покрај Уругвај во квалификациите ги немаше ниту селекциите од Велика Британија, што значи дека првенството пак беше без Англија, Шкотска, Ирска...
Од сите 16 учесници, само четири беа кои не доаѓаат од Европа. Бразил и Аргентина кои мораа да патуваат неколку недели решија во Италија да не играат со своите најдобри фудбалери. Покрај јужноамериканските гиганти честа на остатокот од светот го бранеше САД, како и Египет кој стана првата африканска земја на едно СП.
Останатите 12 селекции во Италија беа од Европа, што беше повеќе од очигледно дека трофејот ќе остане на „стариот континент“.
СТАТИСТИКА
Учесници (16): Аргентина, Холандија, Египет, Унгарија, Бразил, Шведска, Австрија, Романија, Франција, Италија, Чехословачка, Швајцарија, Белгија, Шпанија, Германија и САД.
Најдобар стрелец: Одрич Неједли (Чехословачка) 5 голови.
Вкупно гледачи: 408.602 на 17 натпревари.
Градови во кои се играни натпреварите: Болоња, Фиренца, Џенова, Неапол, Милано, Рим, Трст и Торино.
Во квалификациите учествуваа 32 репрезентации од целиот свет. |