Борбено реми во мечот за светски првак во шах
Ананд води со 4:3 против Топалов, уште пет партии до крајот
Трето реми во низа, по кое Вишванатан Ананд (рејтинг 2787) го задржа минималното водство од 4:3 против Веселин Топалов (2805) во мечот за светски шаховски првак во Софија, но битката се разгорува. За тоа зборуваат 58. одиграни потези и одбивањето на Индиецот да ремизира во средишницата. Тој повторно со бели фигури избра Каталонка, но Топалов одговори со жртва при размена како што одигра Иванчук против Гелфанд на неодамнешниот турнир во Амбер. Новитетот на Бугаринот го замисли бранителот на титулата поради големата компензација за жртвата, но, наспроти одлуката на Топалов да оди на реми, Ананд го избегна тоа и реши да ја тестира одбраната на предизвикувачот. Сепак, желбата за победа не беше доволна, дури ни со вишок фигура (коњ за два пешака), па партијата заврши нерешено.
Седмата партија ја обележа оддавањето едноминутна почит на починатиот некогашен претседател на ФИДЕ, Флоренсио Кампоманес. Првиот потег, пак, го повлече поранешниот светски шампион Анатолиј Карпов.
До крајот на мечот со награден фонд од два милиона евра има уште пет партии, а синоќа Топалов го имаше почетниот потег.
Ананд - Топалов 1. д4 Сф6 2. ц4 е6 3. Сф3 д5 4. г3 Лб4+ 5. Лд2 Ле7 6. Лг2 О-О 7. О-О ц6 8. Лф4 д:ц4 9. Се5 б5 10. С:ц6 С:ц6 11. Л:ц6 Лд7 12. Л:а8 Д:а8 13. ф3 Сд5 14. Лд2 е5 15. е4 Лх3 16. е:д5 Л:ф1 17. Д:ф1 е:д4 18. а4 Д:д5 19. а:б5 Д:б5 20. Т:а7 Те8 21. Кх1 Лф8 22. Тц7 д3 23. Лц3 Лд6 24. Та7 х6 25. Сд2 Лб4 26. Та1 Л:ц3 27. б:ц3 Те2 28. Тд1 Да4 29. Се4 Дц2 30. Тц1 Т:х2+ 31. Кг1 Тг2+ 32. Д:г2 Д:ц1+ 33. Дф1 Де3+ 34. Дф2 Дц1+ 35. Дф1 Де3+ 36. Кг2 ф5 37. Сф2 Кх7 38. Дб1 Де6 39. Дб5 г5 40. г4 ф:г4 41. ф:г4 Кг6 42. Дб7 д2 43. Дб1+ Кг7 44. Кф1 Де7 45. Кг2 Де6 46. Дд1 Де3 47. Дф3 Де6 48. Дб7+ Кг6 49. Дб1+ Кг7 50. Дд1 Де3 51. Дц2 Де2 52. Да4 Кг8 53. Дд7 Кф8 54. Дд5 Кг7 55. Кг3 Де3+ 56. Дф3 Де5+ 57. Кг2 Де6 58. Дд1 реми
ПОЧИНА КАМПОМАНЕС
Почесниот претседател на ФИДЕ, Флоренсио Кампоманес, почина во понеделникот попладне во Багујо Сити на Филипини откако ја изгуби битката со ракот. Имаше 83 години, а на чело на Светската шаховска федерација беше од 1982 до 1995 година. Во 2007 година преживеа тешка сообраќајна несреќа во Турција, но тоа не го спречи и последните години од животот да му ги посвети на шахот како во ФИДЕ, така и во Азија и во татковината.
Ќе остане запаметен по одлуката да го прекине мечот за светски првак меѓу Анатолиј Карпов и Гари Каспаров во 1984-1985 година поради истоштеност на играчите откако ни 48 одиграни партии не го дадоа вкупниот победник.
МИТКОВ СО РЕЈТИНГ НАД 2500
По осум месеци првиот македонски велемајстор Никола Митков повторно има рејтинг над 2500. Благодарение на успешниот настап на опенот во Монтереј, Мексико, каде што освои 7,5 поени од девет партии, втората табла на македонската репрезентација на најновата листа на ФИДЕ има рејтинг 2509, десет поени повеќе од март.
Македонски топ 10: ВМ Владимир Георгиев 2566 (-9), ВМ Никола Митков 2509 (+10), ВМ Трајко Недев 2506 (0), ВМ Звонко Станојоски 2487 (+12), ИМ Александар Чоловиќ 2452 (-12), ИМ Дејан Стојановски 2437 (0), ВМ Драгољуб Јаќимовиќ 2424 (-1), ИМ Орце Данчевски 2423 (0), ВМ Влатко Богдановски 2416 (0) и ИМ Филип Панчевски 2402 (-22). (Р.Д.) |