Трет освоен Вимблдон за Серена Вилијамс
Втората носителка во финалето ја порази сестра си Венус со 7:6, 6:2, а заедно го кренаа трофејот во двојки
Американката Серена Вилијамс ја освои титулата на третиот годинашен Гренд слем, Вимблдон. За час и 27 минути во финалето таа славеше над нејзината повозрасна сестра и бранителка на трофејот, Венус Вилијамс, со 7:6, 6:2. За Серена ова е трета победа на неофицијалното светско тениско првенство, Венус, пак, не успеа да го стори тоа по третпат во низа и останува на петте досегашни титули на лондонската трева.
„Ова е еден од ретките денови во мојата кариера во кој не очекував победа. Во мечот влегов со мисла дека нема што да загубам. Досега ги одбранив сите бодови од лани, па единствено што важно ми беше да излезам на терен и да одиграм најдобро што можам, што подобро да и' парирам на Венус која е навистина силна. Кога го добив првиот сет помислив дека дотогаш завршив одлична работа и дека стигнав само сет подалеку, потоа ми беше важно да се опуштам“, рече Серена по успехот викендот во Лондон.
„Понекогаш се случува да се занесам, премногу да викам при ударите, да го загубам внатрешниот мир. Затоа ми беше важно да останам мирна и да се фокусирам на играта колку што можам повеќе. На крајот едвај ја чекав Венус да го промаши последното топче, повеќе не се сеќавам дали нејзиниот удар заврши во мрежа или надвор од теренот. Бев среќна што заврши, навистина не сакав да сервирам за меч, само тоа ми беше во паметот. Не постојат зборови со кои ќе го опишам чувството за освојување на Вимблдон, мина многу време од последната моја титула тука“, дополни сега веќе трикратната шампионка на Гренд слемот во Лондон.
Во саботата Венус и Серена Вилијамс по четврти пат се судрија во вимблдонското финале, втора година по ред. И покрај поразот Венус и натаму останува поуспешна од Серена на терените на All England Club од причина што има пет титули (2000, 2001, 2005, 2007 и 2008 година), покрај оваа година Серена ги подигна трофеите и во 2002 и 2003. За неа ова е 11 Гренд слем триумф во кариерата (три на Вимблдон, четири на Австралија опен, три на Ју-Ес опен и еден на Ролан Гарос).
Тоа што ќе остане втора на ВТА ранг листата е во втор план за Серена Вилијамс. За неа многу поважно е ги има титулите на сите четири големи турнири, па затоа во шега коментираше:
„Тоа што не сум прва во светот можеби звучи шокантно. Но, така е како што е. Повеќе сакам да бидам актуелна сопственичка на три Гренд слема и втора во светот отколку прва без ниту една Гренд слем титула.Дали се гледам како број 1? - Не, се гледам тука каде што сум, како втора на светот, Сафина заврши одлична работа да стигне до првото место, ги освои Рим и Мадрид“.
Вистинска утеха за пораз во финале не постои, па макар поразот да доаѓа и од помлада сестра. Нема ниту за Венус. И неа не и е лесно што загуби во саботата. Прекината е нејзината двегодишна доминација на Вимблдон, прекината е нејзината низа од 20 натпревари без пораз. Во саботата загуби сет на Вимблдон по нешто повеќе од две години. Последна што успеа да го стори тоа против Венус беше Акико Моригами во третото коло во 2007 година.
„Се борев колку што можев, но Серена одигра страшно добро. Го подигнуваше нивото на игра во моментите кога и' беше најпотребно. Јас одвреме-навреме правев грешки што не смееше да ги има. Во вториот сет загубив два сервис гема по голема борба, а причините за тоа ги гледам во ударите од основната линија. По солидните сервиси брзам со вторите удари во поенот. Наместо да бидам малку потрпелива во решавањето на поените, јас сакам да ги завршам веднаш. Генерално не играв лошо, но тие грешки ме одведоа во пораз“, изјави Венус по поразот во финалето.
Сестрите Вилијамс се чувствуваат како дома кога се на Вимблдон. Во последните десет години освоија осум титули, а единствени што им се вмешаа во тоа беша Русинката Марија Шарапова во 2004 година и Французинката Амели Морезмо во 2006 година.
Патот до финалето на Серена Вилијамс беше поплочен со победите над Нуеза Силва од Португалија, Јармила Грот од Австралија, Италијанката Роберта Винчи, Даниела Хантукова од Словачка, Викторија Азаренка од Белорусија и Елена Дементиева од Русија. Венус, пак, се проби до мечот за титулата преку Стефани Фогел од Швајцарија, Каратина Бондаренко од Украина, Карла Суарез Наваро од Шпанија, Србинката Ана Ивановиќ, Полјачката Агнешка Радванска и Русинката Динара Сафина. Во шесте меча до финалето на годинашниот Вимблдон Венус не загуби ниту еден сет, Серена само еден.
Сестрите Вилијамс по вторпат едноподруго, четврти пат вкупно, ја однесоа победата и на турнирот во женски двојки на Вимблдон. Кон титулите од 2000 година, 2002 и 2008 ја додадоа и годинашната по триумфот во финалето над австралиската комбинација Саманта Стосур/Рене Стабс со 7:6, 6:4.
Канаѓанецот Даниел Нестор и Ненад Зимоњиќ од Србија победија во конкуренција на машки двојки. Во финалето тие славеа на најдобриот светски дубл, американските браќа Боб и Мајк Брајан со 7:6, 6:7, 7:6, 6:3. |