Кадетките последни на ЕП во ракомет во Србија
Репрезентацијата на Македонија од ракометарки до 17 години заврши на последното место во конкуренција на 16 селекции на 7. Европско првенство што вчера заврши во Србија. Во натпреварот во Врњачка Бања за избегнување на „фенерот“ избраничките на селекторот Николче Костовски загубија со 30:21 од Литванија, од која беа декласирани со 12 гола разлика и во рамките на групата од прелиминарната фаза во Ниш. Со ова е комплетиран катастрофалниот настап на првенството што требаше да се одржи во Македонија, на кое беа претрпени максимални седум порази, од кои само два не беа двоцифрени.
„Според начинот на кој игравме денеска, последното место и го заслуживме. Екипа што ќе направи толкав број грешки не може никого да победи. Морам да кажам дека судиите од Азербејџан по начинот на кој судеа денеска, сепак, треба основните правила на играта да ги познаваат малку подобро“, изјави селекторот Костовски.
Синоќа во финалето требаше да играат Данска и Русија. (Р.Д.)
Македонија - Литванија 21:30
Полувреме: 10:17. Сала: „Владе Дивац“ во Врњачка Бања. Гледачи: 100. Судии: Емил и Ернест Агакиши од Азербејџан. Седмерци: Македонија 3/7, Литванија 5/6. Исклучувања: Македонија 6 мин., Литванија 6 мин.
Македонија: Антиќ (11), Настевска (2), Саздовска 2, Јованоска 1, Ѓорѓиевска, Јаковлеска, Делиоска, Божиновска 1, Николовска, Срњакова 4, Јанеска, Николиќ 5 (2), Ристовска 4 (1), Мурговска 4. Селектор: Николче Костовски.
Литванија: Тараскевичиуте, Урбонаите (22), Грисконите, Багдонаите 10, Кавалиаускаите, Сипавичиуте 1, Сиреикаите, Ваичиулаитите, Саткаускаите 12 (5), Леонавичуите, Куодите 2, Буринските, Норкуте 3, Микалоните. Селектор: Рита Урникиене. |