Канада најавува Ф1-спектакл
Омилената патека на возачите нуди многу можности за престигнување
Рапавиот асфалт, двете ДРС-зони, КЕРС, долгите правци и неизбежното безбедносно возило се аргументите во прилог на најавата дека неделната трка за Големата награда на Канада во Формула 1 би можела да се претвори во еден од најголемите фестивали на престигнување на сите времиња. Омилената патека на возачите, сместена на островот Нотр Дам во Монтреал и опколена со живописна природа, им дава предност на моќните мотори наспроти аеродинамиката, па може да се очекува и реприза на ланскиот епилог. Тогаш двете челни позиции ги освоија возачите на Мекларен, Луис Хамилтон и Џенсон Батон, а Фернандо Алонсо од Ферари заврши трет откако серија инциденти на патеката го спречија да победи. Двете екипи ќе имаат ретка можност да му ги расипат сметките на Ред бул токму во Канада, каде што бранителот на титулата и лидер сезонава Себастијан Фетел доаѓа со предност од дури 58 бода во однос на второпласираниот Хамилтон. Марк Вебер на третото има 79, односно 64 помалку од Фетел, Батон е четврти со 76 поени, Алонсо петти со 69 итн.
Хамилтон, кој својата прва победа во Формула 1 ја забележа токму во Монтреал пред три години, има одлични резултати на оваа патека. Покрај тоа, Мекларен има 11 победи во Канада, исто колку и Ферари.
„Не знам зошто сме толку брзи тука. Можеби затоа што посебно брзо излегуваме од долгите свиоци. Лично, обожавам да возам блиску до заштитната ограда на оваа патека, што е еден од предусловите за добар резултат“, вели возачот на Мекларен. |