Напредок останува прволигаш, Скопје се сели во Втора лига
Во бараж-средбите Напредок го победи Тиквеш со 2:0, додека Миравци приреди големо изненадување, совладувајќи го Скопје со 4:1
Миодраг Мицковиќ
Фудбалерите на Скопје не успеаја да го сочуваат прволигашкиот статус бидејќи во бараж средбата за опстанок во лигата неочекувано убедливо загубија во При��еп од досегашниот член на Втората лига Миравци дури со 4:1. Според тоа, од новата сезона во Првата лига за првпат во својата историја ќе игра Миравци од истоименото село.
За разлика од Скопје, играчите на Напредок со победата против Тиквеш во баражот од 2:0, повторно го обезбедија местото во прволигашкото друштво на Македонија. Сега се веќе комплетирани двете лиги - Првата и Втората за новата сезона. Во Првата лига ќе играат Работнички, Шкендија, Ренова, Металург, Силекс, Брегалница, Тетекс, Хоризонт, Напредок, Миравци, како и 11 Октомври од Прилеп и Охрид 2004 како двете првопласирани екипи од Втората лига во минатото првенство. Барањето на Вардар и Пелистер за проширување на Првата лига членовите на Управниот одбор на ФФМ на последниот состанок не го прифатија бидејќи според правилникот за натпревари, тоа не беше можно со оглед на членот 6 во кој јасно пишува: „Одлука за измена на системот на натпреварите се донесува најдоцна една година пред почетокот на натпреварите. Предлогот за измена на системот за натпреварување мора да биде пуштен во јавна расправа најдоцна два месеца пред донесувањето на одлуката за измена на системот за натпреварување.
Во истиот член потоа пишува: Во исклучителни случаи, одлука за измена на системот на натпреварување може да се донесе и шест месеци пред почнувањето на следното првенство. Членот 6 во двата случаи не можеше да биде прекршен.
Втората лига во новата сезона наместо 14 ќе има 16 клубови. Таа требаше да има 16 екипи и во изминатото првенство, но пред самиот старт Осогово и Милано не ја платија задолжителната котизација и не добија право да играат во Втората лига. Нивните места не беа пополнети, токму затоа во новата сезона Втората лига ќе има 16 екипи.
Познати се сите учесници. Тоа се: Вардар, Пелистер, кои директно испаднаа од Првата лига и Скопје кое не успеа да го сочува своето место во Првата лига по неуспешниот бараж со Миравци. Еве ги и останатите членови на Лигата: Тиквеш, Беласица, Ринија (Гостивар), Еуромилк и Локомотива од Скопје, Дрита (Боговиње), Охрид лоте и Влазерими (Кичево). Во лигата се пласираа и петте прваци на третите лиги: Осогово од Кочани (Исток), Кораб од Дебар (Запад), Руфија од Милетино (Југозапад), Победа јуниор од Прилеп (Југ) како и Треска Шишево која во мајсторката во Северната група го победи Маџари Солидарност со 2:0.
Инаку од Втора лига испаднаа трите последно пласирани екипи: Цементарница, Новаци и Влазними од Струга. |