Ракометарите, практично, на ЕП
По победата од 31:25 во Естонија, в недела со БиХ се заверува второто учество на Македонија на еврошампионатите по Италија 1998
Роберт Димитриевски
Машката ракометна репрезентација на Македонија само чудо може да ја спречи по втор пат да избори пласман на европските првенства, откако славеше во Полва со 31:25 против директниот конкурент Естонија за второто место во првата квалификациска група за ЕП 2012 во Србија. За да не се прекине постот по Италија 1998 треба в недела од 12,15 ч. веќе пласираната Унгарија да изгуби во Ѓенѓеш од Естонија, а потоа од 20,15 ч. Македонија во „Борис Трајковски“ да биде совладана од веќе отпишаната Босна и Херцеговина. Во таков расплет ама баш никој не верува, за што зборува и славеничката атмосфера вчера во Ракометната федерација на Македонија, заблажена и со торта од спонзорот „Вип“.
„Иако Унгарија е фаворит против Естонија и очекуваме да ја победи, сакаме овој циклус да го завршиме во најдобро светло, односно со победа против Босна“, вели селекторот Звонко Шундовски.
Капитенот Кирил Лазаров вели дека најважниот натпревар во квалификациите го одиграле најдобро што можеле.
„Естонија не е толку слаба, колку што ние бевме подобри, што резултатот можеби не го покажува. Блиску сме до ЕП, математички се' уште не, но пред мечот со Босна ќе знаеме на што сме. Се надевам дека во исполнетиот ’Борис Трајковски‘ ќе можеме заедно да го прославиме овој голем успех“, вели најдобриот македонски ракометар.
„Без оглед на резултатот од мечот Унгарија - Естонија, наша должност е да одиграме добар натпревар и да ја победиме Босна и Херцеговина. Веќе неколку години не сме биле во ситуација да играме меч дома што води на големо натпреварување, па победа над БиХ би претставувала вистинско финале на нашите напори“, додава заменик-капитенот Ванчо Димовски.
Наспроти стравувањето поради двете кикс-ремија во Естонија во два претходни циклуса квалификации, најдобрите македонски ракометари неочекувано лесно го добија директниот дуел во Полва со 31:25. Освен во 13 минута, кога домаќинот поведе со 5:4, и пред и потоа Македонија ги диктираше и играта и резултатот. Естонците не најдоа лек во одбраната за Кирил Лазаров, кој запре на десет гола, од кои два од седмерец, беа инфериорни во играта еден на еден и против Наумче Мојсоски (шест погодока) и Филип Миркуловски (пет), а на голот несовладлив беше Борко Ристовски.
Резултатот се прекрши од 13 до 19 мин., кога со серија од четири гола без одговор избраниците на Шундовски се одлепија на 8:5 преку Лазаров, а на одморот заминаа со водство од 14:8. Надежите за пресврт на Калмер Мустинг и на неговиот состав дефинитивно згаснаа во 50 мин., кога Ванчо Димовски ја донесе максималната предност во мечот од 25:18. Мустинг веднаш побара тајм-аут, кој нешто подоцна резултира со намалено водство на гостите до три гола разлика, но Лазаров и колегите не дозволија да им се случи од готово - вересија.
„Со оваа победа полека го остваруваме тоа што го зацртавме пред почетокот на квалификациите. Подготвени сме, мотивирани и без опуштање ја очекуваме Босна и Херцеговина за да го завериме пласманот на ЕП“, порачува Шундовски.
Естонија - Македонија 25:31
Полувреме: 8:14. Сала: „Месикапа“ во Полва. Гледачи: 600. Судии: Педерсен и Мортенсен од Данска. Седмерци: Естонија 3/3, Македонија 2/3. Исклучувања: Естонија 6 мин., Македонија 10 мин. Црвен картон: Алексеев од Естонија (груб старт).
Естонија: Варуск, Алексеев, Пинонен 5, Муга 3, Јанима 5, Лива 1, Патраил 2, Кауге 1, Јохансон 1, Маги 4, Педома, Карусе, Нодла, Ласт, Јарве 3, Селге. Селектор: Калмер Мустинг.
Македонија: Ристовски, Ангелов, М. Стоилов, С. Стоилов 1, Алушовски 3, К. Лазаров 10, Митков, Ангеловски, Темелков 1, Миркуловски 5, Маркоски, Н. Мојсоски 6, Димовски 4, Ф. Лазаров, Кукоски, З. Мојсоски 1. Селектор: Звонко Шундовски.
ТЕМЕЛКОВ СО ПОТРЕС НА МОЗОКОТ
Десното крило Владимир Темелков доби мал потрес на мозокот во 11 минута од натпреварот во Полва, кога во контранапад одзади беше фаулиран од естонскиот голман Мариуш Алексеев, кој за стартот доби директен црвен картон. Темелков не го продолжи мечот и беше однесен на преглед во локалната болница, кој покажал дека нема дополнителни компликации од ударот со главата во подот. Дали ќе настапи в недела требаше да се знае по синоќешниот тренинг.
БЕСПЛАТНИ БИЛЕТИ ПРЕКУ „ВИП“
Мобилниот оператор „Вип“ денеска од 12 до 13 часот во своите салони во ГТЦ, во „Рамстор“, во „Веро 9“, на Бит пазар, во Лептокарија и во Бисер ќе дели бесплатни влезници за средбите на женската ракометна репрезентација со Шпанија вечерва и за утрешната на мажите против БиХ. Нив ќе ги добијат клиентите што ќе извршат каква била активност во наведените салони.
„Вип“ е спонзор на Ракометната федерација на Македонија од почетокот на 2008 година.
НЕПОПОЛНЕТИ УШТЕ ПЕТ МЕСТА
Пред завршницата од квалификациите за Европското првенство викен��ов останаа непополнети уште пет места за шампионатот на кој ќе настапат 16 селекции. Во првата група Македонија (5 бода) и Естонија (4) се во игра за второто место. За двете визи во третата група конкурираат Полска (7), Словенија (6) и Португалија 5. Исланд и Австрија меѓусебе ќе решат за вториот патник на ЕП од петтата група. Чешка (6) е во предност во однос на Грција (5) за второто место во шестата група.
Покрај домаќинот Србија и бранителот на титулата Франција, за ЕП веќе се квалификуваа Унгарија од првата група, Хрватска и Шпанија од втората, Словачка и Шведска од четвртата, Германија од петтата, Норвешка од шестата, како и Данска и Русија од седмата. |