Венгер се предаде, Фабрегас може да си оди
Судбината на шпанскиот креативец сега ќе се решава во менаџерските кругови
„Можеш да одиш во кој било клуб, само не во англиски“. Тоа на својот капитен Фабрегас, според пишувањето на англиските и на шпанските медиуми, му го порачал тренерот на Арсенал, Арсен Венгер. Шефот на струката на лондонскиот клуб со тоа го благослови заминувањето на најголемата ѕвезда, чија судбина сега ќе се решава во менаџерските кругови.
Дневниот весник „Мундо Депортиво“ пишува дека Венгер и Фабрегас одржале состанок во четири очи и начелно ги договориле условите на летната разделба. Венгер е свесен дека амбициите на Фабрегас свенаа заедно со мизерната сезона на „Емирати“, поради што му ја крена рампата и му порача дека смее да преговара со сите клубови кои не се во Премиер, а попатно го предупреди:
„Знам дека сакаш во Барселона, но преговорите ќе бидат долготрајни и тешки“.
Арсенал на сите заинтересирани уште порано сезонава им објави дека цената за шпанскиот креативец нема да ја спушти под 50 милиони евра. Со оглед дека челниците на Барса на Гвардиола му ја обезбедија отприлика таа сума за засилувања, се очекуваат неколку рунди на ценкање.
И додека мнозинството од фановите на Арсенал одлуката на Венгер ја прифатија како единствен излез од пат позицијата, некои видни членови, сепак, го критикуваат лесното предавство. Ли Диксон, бившиот англиски репрезентативец кој кариерата ја заврши во Арсенал, се сложува дека подобро е незадоволен играч да го пуштиш да си оди, но се прашува:
„Што ќе се случи ако Арсенал остане без Фабрегас и без Насри? Тоа не смее да си го дозволи, тоа ќе биде пресилен удар“, резонира Диксон.
А, со оглед дека Самир Насри не сака да потпише нов договор и се' поотворено кокетира со Манчестер јунајтед, за Венгер претстојат кошмарни ноќи. |