Далас со фуриозна завршница на чекор до титулата
Маверикси славеа со 112 :103 во петтиот меч од финалната серија против Мајами, и сега водат со 3:2
Кошаркарите на Далас Маверикс го совладаа Мајами со 112:103 во петтиот меч од финалето на НБА-доигрувањето и во серијата до четири победи поведоа со 3:2. Со евентуалната победа во шестиот меч, која в недела се игра во Флорида, тимот од Тексас ќе ја освои историската, прва титула во НБА-лигата.
Победникот на доигрувањето во Западната конференција до оваа победа стигна благодарение на најдобриот шут од игра во финалната серија (56,5 отсто) како и неверојатно добриот шут за тројка (68,4 отсто). Играчите на Рик Карсли погодија 13 тројки од само 19 обиди, како и 39 шута од игра, што е исто така нивни најдобар ефект во годинашнава финална серија на доигрувањето. За споредба, во претходните четири меча, Далас беше на 41,4 отсто шут од игра.
Далас повторно го предводеше фантастичниот Германец Дирк Новицки со 29 коша и шест скока. Интересно е тоа што дури четворица играчи на Далас во овој меч постигнаа најмногу поени кога е во прашање финалната серија. Конечно, Џејсон Тери одигра вистински натпревар застанувајќи на 21 кош, Бареа на 17, Џејсон Кид на 13 и Брајан Кардинал на четири поени. Тајсон Чендлер го израмни најдобриот ефект со 13 коша.
Двејн Вејд со 23 коша беше најдобар стрелец во гостинскиот тим, иако пропушти дел од првата и третата четвртина поради болки во колкот, а додаде и осум асистенции. Крис Бош беше на ниво со 19 коша и 10 скока. Но, сето тоа беше недоволно за Мајами кому, како и во четвртиот дуел му недостасуваше напаѓачкиот ефект на Леброн Џејмс. Иако двобојот го заврши со трипл-дабл (17 коша, 10 скока и 10 асистенции), свој прв во Мајами во доигрувањето, имаше слаб шут 8/19 и само две изборени слободни фрлања.
По првата четвртина Мајами водеше со 31:30, но на полувреме се замина со водство на Далас од 60:57. Најголема предност домашните имаа во 36. минута (80:71), а на три минути и 38 секунди пред крајот на семафорот стоеше 100:97 за гостите. Сепак, како по обичај, Далас мечот го заврши со фуриозна серија од 15:3 за конечна победа од 112:103.
По трите меча одиграни во Далас, серијата повторно се сели во Мајами. Во досегашната историја на НБА-финалињата 19 тима од 26, кои во серијата воделе со 3:2 стигнаа и до титулата. Тоа му појде од рака и на Мајами во 2006 година токму против Далас. |