Кастро понуди размена на затвореници за разговори со Америка
Куба понуди ослободување на политичките дисиденти во замена за ослободување на петмина обвинети кубански шпиони во САД
БРАЗИЛИЈА - Кубанскиот претседател Раул Кастро предложи размена на затвореници со САД како „гест“ на добра волја за да се подготви теренот за разговори со идниот американски претседател, Барак Обама. Неговата понуда да ги ослободи политичките дисиденти во замена за ослободување на петмина обвинети кубански шпиони во американските затвори, е најспецифичен предлог досега за олеснување на односите со САД откако во ноември беше избран новиот претседател Обама, кој ќе ја преземе функцијата на 20 јануари. Коментарите на Кастро веројатно ќе ги поттикнат се' поголемите очекувања во Латинска Америка дека администрацијата на Обама ќе помогне во затоплување на американско-кубанските односи, кои се замрзнати откако Вашингтон воведе економско ембарго во 1962 година. „Да направиме гест за гест“, изјави Кастро за новинарите за време на посетата на бразилскиот главен град Бразилија. „Затворениците за кои зборувате - тие сакаат да им дозволиме да заминат? Треба утре да ни кажат. Ќе ги испратиме со нивните семејства и се' друго. Вратете ни ги нашите пет херои. Тоа е гест на двете страни“, рече тој мислејќи на обвинетите кубански шпиони.
Во вторникот 33 латиноамерикански и карипски лидери побараа од Обама да го укине ембаргото за комунистичката земја кога ќе ја преземе функцијата. Тие, исто така, побараа итно укинување на мерките преземени во последните пет години од страна на претседателот Џорџ Буш за зајакнување на ембаргото против Куба, каде што Фидел Кастро ја презеде власта со револуција во 1959 година. „Не треба Куба да бара крај на ембаргото“, рече претседателот Луис Инасио Л��ла да Силва, кој одржа конференција за печатот со Кастро. „Повеќе не постои оправдување за ембаргото“.
Обама изјави дека е отворен за разговори и вети дека ќе ги ублажи ограничувањата за Американците со кубанско потекло кои патуваат во нивната татковина и им испраќаат пари на роднините кои живеат таму. Но, тој рече дека ќе го задржи четиридецениското американско трговско ембарго како сила со која ќе влијае на промените во еднопартиската држава. Досега Обама не ги коментираше коментарите на Раул и неговиот брат, поранешниот кубански претседател, Фидел Кастро, во кои се сигнализира подготвеност да се одржат разговори со неговата администрација. (Ројтерс) |