Грузискиот парламент го теши Михаил Саакашвили
Опозицијата во Грузија е незадоволна од извештајот на комисијата за војната со Русија
Од нашиот дописник Бранко Влаховиќ
МОСКВА - Опозицијата во Грузија е незадоволна од извештајот на парламентарната комисија за војната со Русија, бидејќи симпатизерите го оправдаа сегашниот претседател Михаил Саакашвили кој ја издаде наредбата војската да тргне во напад на Јужна Осетија. Во извештајот на 200 страници, на парламентарната комисија во која беа симпатизери на Саакашвили, се тврди дека Грузија само одговорила на руската агресија. Единствените забелешки се однесуваат на пропустите што ги направија во своите анализи министерствата за надворешни работи и за одбрана на Грузија. Поради тоа, Саакашвили неодамна ги смени и двајцата министри.
Претседателот на комисијата, Пата Давитија, во четвртокот вечерта го прочита извештајот во кој главната порака беше дека Грузија водела одбранбена војна на своја територија.
Иако и на Запад признаа дека Саакашвили тргна во војна, во споменатиот извештај на грузиската парламентарна комисија нема ниту збор критика за тамошниот претседател. Тоа е и разбирливо, бидејќи Саакашвили ја има поддршката од мнозинството во парламентот од чии редови и беше составена комисијата. Сета вина е фрлена на министрите за одбрана и надворешни работи кои требале да го предупредат претседателот на можните последици. „Раководството на Грузија не ги очекуваше, па затоа и не беше подготвено, на димензиите на таквата воена операција со Русија во август 2008 година“. Најмногу критики претрпе министерот за одбрана. Покрај министрите за одбрана и за надворешни работи, Саакашвили го смени и секретарот на Советот за безбедност.
Претставниците на опозицијата тврдат дека ��омисијата без причина ги трошела народните пари, бидејќи не одговори на главното прашање: кој ја почна војната? „Сите знаеме дека Русија одговори неадекватно, но во извештајот нема ниту збор за тоа зошто Саакашвили ја почна војната“, изјави лидерот на Републиканската партија на Грузија, Леван Берѕенешвили.
Интересно е и тоа што можеби поранешниот грузиски амбасадор во Москва ќе треба да одговара и на суд поради изјавата што ја даде пред споменатата комисија. Ероси Кичмарашвили изјави дека Вашингтон му дал „зелено светло“ на Саакашвили за почнување на воените операции.
Информацијата дека Џорџ Буш по заминувањето од претседателската функција ќе го ангажира и Саакашвили во својот новоформиран институт како предавач, предизвика големо внимание и шеговити коментари не само во Грузија туку и во соседните земји, поранешни советски републики. Од Вашингтон стигна веста дека Буш во Далас, Тексас, ќе отвори Институт на слободата, за подготовка на идни лидери на разни земји. Портпаролката на Белата куќа, Дејна Перино, изјави дека меѓу предавачите ќе биде повикан и Михаил Саакашвили. Дејна Перино потсети дека Саакашвили се образувал во САД и по враќањето се обидува во својата земја да изгради демократија. |